ВМРО-ДПМНЕ освои 20 градоначалници во вториот круг, СДСМ и ДУИ добија по седум градоначалници

Фото: Мета.мк

Идентично како и во првиот круг од локалните избори, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и во вториот круг што се одржа денеска освои најголем број на градоначалнички места – во вкупно 20 општини.

Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ ги освои градоначалничките места во: Пехчево, Ново Село, Кочани, Василево, Конче, Радовиш, Македонска Каменица, Кратово, Ранковце, Гевгелија, Лозово, Зелениково, Брвеница, Вевчани, Охрид, Ресен, Битола, Демир Хисар, Македонски Брод и во Градот Скопје.

СДСМ во вториот круг од локалните избори ги освои градоначалничките позиции во  седум општини: Центар, Чучер Сандево, Старо Нагоричане, Пробиштип, Демир Капија, Росоман и Чашка.

Идентичен број на градоначалници освои владејачката партија ДУИ, која во вториот круг победи и ја освои власта во општините: Чаир, Арачиново, Теарце, Боговиње, Кичево, Долнени и Струга.

Политичката партија БЕСА во вториот круг победи на локалните избори во Тетово и Желино, а само два градоначалника освои и коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива – во Гостивар и Врапчиште.

Опозицискиот кандидат Стевчо Јакимовски од партијата ГРОМ победи на локалните избори во Карпош, додека партијата ДПА ја освои власта во општина Студеничани.

Независните кандидати Максим Димитриевски во општина Куманово и Зоран Ногачески во општина Дебарца победија во вториот круг од локалните избори што се одржаа денеска.

Во скопската општина Шуто Оризари води досегашниот градоначалник Курто Дудуш од коалицијата ЛДП/ДОМ пред кандидатот на СДСМ, и на преброени 96,98 отсто од гласови тој води со околу 600 гласови.

Во општина Дебар веќе е извесно дека ќе се одржи втор круг од локалните избори, бидејќи засега води кандидатот на Алијанса на Албанците и Алтернатива Беким Поцеста – 49,7 отсто, и со ова, тоа значи дека во Дебар ќе има втор круг на гласање.