Владини функционери во Словачка ги обвинуваат медиумите и опозицијата за пукањето во премиерот Фицо

„Ова е ваша вина“, им рече на опозициските политичари заменик-претседателот на словачкиот парламент и дел од владејачката Смер, Џубош Блаха, пред да ги обвини и медиумите

© European Union, 2024, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Словачките новинари стравуваат дека обидот за атентат на премиерот Роберт Фицо може да доведе до уште поголема поларизација и задушување на независните гласови. Неколку високи политичари од владејачката коалиција во Словачка, по пукањето во Фицо во средата, за инцидентот ги обвинија независните медиуми и опозицијата, пренесува „Гардијан“.

„Ова е ваша вина“, им рече на опозициските политичари заменик-претседателот на словачкиот парламент и дел од владејачката Смер, Џубош Блаха, пред да ги обвини и медиумите.

„Поради вас [медиумите], четирикратниот премиер Робер Фицо, најзначајниот државник во модерната историја на Словачка, моментално се бори за својот живот“, изјави Блаха.

И лидерот на Словачката национална партија, која е дел од владината коалиција, Андреј Данко, ги обвини медиумите и опозицијата, а високи владини министри на вчерашната прес-конференција постојано го критикуваа известувањето на новинарите.

Слободата на медиумите беше предмет на опсежна дискусија во Словачка во изминатите недели, откако владата на Фицо го придвижи контроверзниот предлог-закон за замена на јавниот радиодифузен сервис РТВС.

Новинарите стравува дека премиерот, кој се најде под критики за нападите на независните медиуми и укинувањето на специјалното обвинителство, работи на поткопување на слободата не медиумите.

Последиците од обидот за атентат може да донесат брутални мерки против медиумите, граѓанското општество и опозициските партии, што би било спротивно од она што се очекува од политичката елита во моментов, вели за Гардијан главната уредничка на весникот „СМЕ“, Беата Балогова.

Зборувајќи за политичарите, главниот уредник на информативната агенција „Aktuality“, Питер Барди, за „Гардијан“ вели дека тие се „единствените кои имаат можност да ги намалат емоциите во земјата, да го прилагодат својот вокабулар и нивниот однос кон јавните случувања, политичката борба и медиумите“.

„Словачка треба да ја смири ситуацијата, а не да ја ескалира дополнително“, вели тој.

Експертите, сепак, посочуваат дека и претседателката во заминување Зузана Чапутова и новоизбраниот претседател Питер Пелегрини, кој е сојузник на Фицо, повикаа на смиреност и оти имаат различни ставови од владејачката коалиција.