Владата ја ограничи маржата на училишниот прибор

Според одлуката, со ограничена маржа од 5 отсто на големо и 10 отсто на мало ќе се продаваат тетратките, ранците, боиците, пластелинот, фломастерите, мрсните боици, линеарите, острилките, гумите за бришење, детските ножици и другиот училишен прибор и додатоци

Photo by Alexander Grey on Unsplash

Се ограничува највисоката трговска маржа на училишниот прибор. На вториот ден од новата учебна година, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата донела ваква одлука со цел да се намалат трошоците за набавка на училишен прибор.

Според одлуката, со ограничена маржа од 5 отсто на големо и 10 отсто на мало ќе се продаваат тетратките, ранците, боиците, пластелинот, фломастерите, мрсните боици, линеарите, острилките, гумите за бришење, детските ножици и другиот училишен прибор и додатоци.

„Помалку трошоци, повеќе за тебе“ – вака на прес-конференција Мицкоски ја претстави новата мерка.

„Анализиравме увозни царински декларации на дел од производите и оние коишто се цени во малопродажбата и заклучивме дека многу производи денеска се предмет на монопол или дуопол. И монополот и дуополот си се договараат – ако се дуопол и монопол си прави што сака и практично цените некогаш се двојно поголеми од тие коишто се увозни. Имаме, да речеме, увозна цена, пример еден – за маркери, којашто е 60,1 денар,  во малопродажба е 130 денари. Потоа, имаме цена, да речеме, јаглен за цртање од 300 пакувања, увозната цена е 68,6 денари, а во малопродажба е 200 денари“, рече Мицкоски.

Замрзнатите цени на училишните продукти важат од денес па сè до 20 октомври.