„Вистиномер“: „Бомбите“ се опасност и за државата и за граѓаните – Јавното обвинителство мора да реагира

Фото: Ванчо Џамбаски (CC-BY)

Ако продолжи ваквото масовно објавување на нелегално снимени разговори, политичките елити на крајот ќе си останат потпрени само на најцврстите подржувачи кои без размислување ги поддржуваат на избори. Со тоа, крајниот резултат на сето ова пренатрупување на јавноста со вакви материјали ќе биде пукање на „бомбата во раце“, т.е. ќе има негативен ефект врз „продуцентите“, „дистрибутерите“ и нарачателите, пишува „Вистиномер“.

Како никогаш досега, јавноста е пренатрупана од секојдневно објавување на нелегално снимени аудио и поретко видео материјали („бомби“), за поединци од т.н. политички елити кои се на власт или во опозиција, процес што започна уште пред неколку месеци. Ова, напросто речено, банализирање на политиката, има за моментална цел да го оцрни политичкиот противник, но, како крајна цел, сигурно непосакувана од т.н. фрлачи на „бомби“, дефинитивно може да доведе до подривање на довербата кај јавноста во политичките елити, согласни се дел од аналитичарите.

НАРАЧАТЕЛИТЕ СЕ ДОМИНАНТНО КАЈ ПОЛИТИЧАРИТЕ И МАФИЈАШИТЕ

Современата историја на РСМ покажува дека нелегалното снимање и дистрибуирање на материјалите најмногу го има правено она што некогаш се викаше „тајна полиција“. Таквите операции од независноста од 1991 г., се вршеа од оној што е на власт, преку злоупотреба на техничките можности во некогашната СДБ/ДБК, па УБК, сега трансформирана во Агенција за национална безбедност. Уште од аферата „Дувло“, „Сина птица“ или серија други прислушкувани поединци од тогашната ВМРО-ДПМНЕ во 1992-3 година, преку аферата „Големото уво“ од 2001 година, до аферата „Бомби“, подоцна прерасната во судски случај „Таргет/Тврдина“, започнат по обвинение од СЈО, недвојбено се покажало дека секогаш станувало збор за злоупотреба на безбедносниот сектор од страна на они што се на власт.

Прва жртва, притоа, била приватноста, преку која се уценувало на политички, но и на личен план за да се остварат посакувани политички или бизнис цели на елитата на власт. Со мала разлика, што нивното појавување во јавноста во 2015 година од страна на СДСМ беше дело на „свиркачи“ внатре во безбедносната институција, а нивното објавување беше во јавен интерес, што не може да се каже за претходните случаи.

Сето тоа доведе до реформи помогнати од надвор и под притисок на домашната јавност, така што оваа материја е веќе ад-акта, т.е. прислушкување на политичките елити преку злоупотреба на безбедносните агенции е горе-долу завршена работа, законски оневозможена, а за контролата на тој процес има уште многу да се работи.

За злоупотреба на „бомбите“ од страна на разни бизнис и политички структури, можеби најдобро зборува исходот од аферата „Рекет“. Таа афера беше иницијална каписла за уништување на СЈО, кое официјално престана да постои вчера. Крајот на СЈО, веројатно, со шампањско е прославен во дел од политичките и бизнис структури (актерите од „Империја“, во ВМРО-ДПМНЕ, кај поединци во ДУИ, а не е исклучено, според одредени аналитичари и новинари, и кај поединци во или блиски до СДСМ), иако вината кај некогашната главна обвинителка Катица Јанева, докажана преку судска пресуда која сѐ уште не е правосилна, не мораше да значи укинување на СЈО. Настан за кој емотивно изреагира многу луѓе, вклучувајќи ја и некогашната СЈО обвинителка, Ленче Ристовска, на својот фејсбук профил.

ПРИСЛУШКУВА „КОЈ СТИГНЕ“

Со развојот на технологиијата, нелегалното прислушкување станува многу достапна и евтина работа дури и за поединци, а камо ли за политички елити или строго мафијашки кругови, експоненти на она што кај нас се нарекува организиран криминал. Па, така, денес прислушкува помалку или повеќе кој стигне, но тоа повторно, генерално гледано, се сведува на политички елити и структурите на организираниот криминал.

Јавноста никој не може да ја убеди дека овие „бомби“ што се појавуваат секојдневно како „печурки по дожд“, не се нарачка од политичките елити или, пак, одмазда од „незадоволните“, како во случајот на „бомбата“ снимена од Александар Верушевски, кој, пак, за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски како што изјави јавно, бил патриот и херој. Но, вака пласирани, на лажичка, „лепени-сечени-монтирани“, денешниве бомби речиси и да не носат никаков јавен интерес. Тој е заменет со интересот на нарачателот, кој би требало да го исполни „интерсот на јавноста“, дел од гласачко тело, што, пак, е многу поразлична категорија од јавниот интерес.

Павле Трајанов, политичар и поранешен полицаец, министер за внатрешни работи, неодамна даде свое толкување на сегашнава состојба со „бомбите“ и нивното користење во изборниот процес:

„Институциите треба да стават крај на ваквата практика, казните да се заострат, јавниот обвинител и полицијата да реагираат на време, а сите они што ги злоупотребуваат овие разговори, неовластено снимаат и објавуваат, да понесат одговорност. Долго време во нашата држава неовластено се снимаат разговори и се објавуваат, а за жал двете најголеми политички партии кои што треба да инсистираат на почитување на Уставот и на законите, ги користат тие „бомби“ за политички поени и веројатно затоа обвинителство е пасивно и не реагира“, изјави Tрајанов за РСЕ.

Дека треба да реагираат и институциите јавно се изјаснуваат и од двете политички партии и од самите институции. Во споемнатиот текст на РСЕ тоа го побараа двајцата потпретсеатели на партиите, Љупчо Николовски и Игор Јанушев, тоа го бараат лидерите на партиите Зоран Заев и Христијан Мицкоски при секоја објавена снимка, тоа го побара техничкиот премиер, Оливер Спасовски, тоа го бара и техничкиот министер Наќе Чулев, а тоа го потврдува и Јавниот обвинител на РСМ Љубомир Јовевски. Но, останува прашањето за искреноста на барањата и, секако, за капацитетите на институциите да ги разоткријат дисеминаторите и, на крај, останува прашањето на правната тежина што ја имаат информациите од овој скорешен бран „бомби“.

На пример, кај барањето на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. беше детектиран спин, во изјавата на јавниот обвинител, Љубомир Јовевски, се детектира декларативен став, но не и конкретна акција, зашто само неколку дена претходно од ЈО одбија „по допрен глас“ да постапуваат за некоја од снимките.

Капацитетите, од друга страна, се повеќе од дискутабилни. Министерот за внатрешни работи, на пример, неколкју пати изјавил дека социјалните мрежи, преку кои се пласираат материјалите, не контактираат со МВР и не им одговараат на нивните барања, а, пак, ако се спореди моќта/капацитетот што го имаше СЈО и сегашното ЈО, сосема е јасно дека со овој наплив од „бомби“ ЈО тешко би можело да се справи. Та сепак, нема кој друг.