„Викиликс“ објави мејлови на директорот на ЦИА

„Викиликс“ објави материјали кои содржат приватни пораки од електронската пошта на директорот на ЦИА, Џон Бренан, јавуваат светските медиуми.

Хакер, кој е средношколец и кој се противи на американската надворешна политика, ги симнал пораките од мејл-серверот на Бренан. Тој рекол дека се претставил дека работи за американската компанија „Веризон“, една од најголемите американски компании за безжични телекомуникациски услуги и така успеал да измами еден од вработените да ги открие личните податоци на Бренан.

Засега не се знае дали е компромитирана која било безбедносна информација од национално значење, но е откриен бројот на социјалното осигурување на сопругата на Бренан, како и имиња на луѓе со кои работел во ЦИА.
Лозинката која е откриена датира од периодот пред Бренан да почне да работи како советник против тероризам во Белата куќа.