(ВИДЕО) Поведена постапка против началници и полицајци, не казниле возач кој возел со 272 километри на час

Наместо да изготват записник и прекршочен платен налог, според кој, за ваков прекршок е предвидена казна од 400 евра и забрана за управување со моторно возило од шест до 12 месеци, полицајците, по нарачка на началникот, на возачот му изготвиле само предупредување

фото: принтскрин од видео на МВР

Поведена е постапка против четворица полициски службеници кои не презеле мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, против возач кој се движел со брзина од 272 километри на час. Наместо тоа, учесникот што возел со огромна брзина на место каде ограничувањето било 120 километри на час, добил само предупредување од полицајците, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

„По извршените проверки, преглед во службениот материјал и увид во видео снимките од радар за ден 06.05.2024, констатирано е дека двајца полициски службеници, постапувајќи по наредба за мерење на брзината на движење на возила со радар на автопатот Скопје-Велес, констатирале сообраќаен прекршок, односно измериле брзина на движење на моторно возило „порше“ од 272 километри на час, на место каде движењето било ограничено на 120 километри на час со сообраќаен знак“, соопштија од МВР.

Наместо да изготват записник за констатиран прекршок и прекршочен платен налог, според кој, за ваков прекршок е предвидена казна од 400 евра и забрана за управување со моторно возило од шест до 12 месеци, полицајците на сторителот му изготвиле само предупредување на сторен сообраќаен прекршок.

Тоа го направиле затоа што началникот на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, побарал од началникот на Секторот за сообраќајни работи, да не биде напишана казна, поради што началникот за сообраќајни работи извршил влијание врз полициските службеници да не констатираат прекршок.

Против четворицата е поднесен предлог за поведување постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина.