Фото: Tascalo на Pixabay

Енергијата од ветерот за производство на струја сè уште е незначително искористена, иако во земјава постојат одлични географски потенцијали, што го потврдуваат сите досегашни студии според кои има 15-тина поволни локации за изградба на ветерници.

И покрај акцентот во последниве години за што поголемо производство на енергија од обновливи извори и напуштање на јагленот како енергенс, досега е реализиран само еден ваков проект – паркот на ветерни електрани, ПВЕ „Богданци“, пуштен во употреба во 2014 година. Станува збор за инвестиција од вкупно 56 милиони евра, а кој треба треба да произведува годишно вкупно 137 гигават-часови струја.

Вториот ветерен парк што треба да се гради во близина на Миравци, кај Гевгелија, се предвидува да го збогати енергетскиот систем со уште 127 гигават-часови струја. Проектот е дел од инвестицискиот план на Електростопанство на Северна Македонија, ЕСМ, од 2018 до 2022 година. Од ЕСМ за Мета.мк рекоа дека течат подготвителните активности за отпочнување на реализацијата на проектот ПВЕ „Миравци“, а претходно, најмалку една година ќе трае испитување на влијанието на овој проект врз животната средина.

„Предвидена е изработка на физибилити студија и биомониторинг, кој согласно меѓународните конвенции, ќе опфати период од најмалку четири годишни времиња (една година) за мониторинг на локацијата. Заштитата на животната средина е во согласност со нашата законска регулатива и онаа на ЕУ, а проектот ќе биде имплементиран според домашни и меѓународни стандарди за ваков тип на проекти“, одговорија од ЕСМ, додавајќи дека во изминатиот период меѓународните финансиски институции пројавиле голем интерес за финансирање на ветерниот парк кај Миравци.

„Според планираната динамика за изработка на неопходната документација, реализацијата на проектот би започнала веднаш после одобрувањето од страна на надлежните институции, како и по обезбедување на средства за финансирање“, велат од ЕСМ.

Меѓу повеќето придобивки од изградбата на ветерниот парк кај Миравци, од компанијата издвојуваат дека, енергетскиот сектор на државата ќе се збогати со предвидени нови 40 гигават-часови струја од прва фаза, односно 127 гвч. вкупно годишно производство на чиста и одржлива електрична енергија.

„За бизнис секторот овој проект ќе овозможи инвестиции во делот на експертиза, градежни работи, набавка на опрема, понуди „клуч на рака” и слично, а ќе има јасно и директно влијание на популацијата од општините каде што ќе се реализира“, објаснуваат од ЕСМ.

Во врска со плановите за изградба на ветерниот парк Миравци, од Здружението на граѓани Еко-свест, потенцираат дека уште сега и веднаш е неопходна целосна транспарентност и вклучување на јавноста во проектот.

„Не може да има изградба на каква било инфраструктура во зони каде има уникатен, редок, ендемски биодиверзитет и екосисистем. Целата постапка на инсталирање ветерни паркови мора да биде целосно транспарентна и да вклучува учество на засегната јавност уште во раните фази на проектот, како и соработка со локалното население. Сметаме дека, како земја која има 280 сончеви денови во годината, искористување на сончевата енергија треба да биде висок приоритет на Владата, но не само соларни електрани туку и искористување на постојни кровни површини на јавни објекти за поставување фотоволтаици“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.

Македонското еколошко друштво, МЕД, веќе има испратено допис до Министерството за животна средина и просторно планирање, МЖСПП, и до општините Демир Капија и Гевгелија за можните ризици од оваа и од неколку други планирани ветерни електрани во регионот на Демиркаписката Клисура по лилјаците и птиците грабливки.

Од МЕД посочуваат дека до МЖСПП странска компанија веќе има доставено проект за изградба на ветерната електрана „Дрен“, а се планираат уште 4 други. Велат дека врз основа на сателитско следење на 14 белоглави мршојадци од Кресненската Клисура, Бугарија, дел од тие птици повремено го користат овој простор за прелет кон Кожуф.

„За жал, не знаеме како „нашите“ птици од Демиркаписката Клисура и Тиквешкото Езеро го користат просторот. Затоа, од надлежните побаравме да се прават мониторинзи пред да се издаде решение за прифаќање на Студијата за влијание врз животната средина, а не, како во случајот на „Дрен“, едногодишниот предконструктивен мониторинг да се прави по издавањето на Решението. Тоа не значи дека сме против ветерните електрани. Климатските промени ќе бидат сериозен предизвик за многу диви видови, а користењето на обновливите извори на енергија наместо јаглен, е многу значајно. Но, бараме добра, прецизна и стручна студија и мониторинг, да не се покаже дека ветерниците само ќе го забрзаат процесот на исчезнување на видовите, како што имаше ризик за Балканскиот рис (и други видови), со планот за изградба на ХЕЦ „Бошков Мост“ и ХЕЦ „Луково Поле“, вели Методија Велевски од МЕД.

Инаку, според последната Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, во земјава е предвидена изградба на ветерни електрани со вкупна инсталирана моќност од 750 мегавати и вкупно проценето годишно производство на струја од околу 1.800 гигаватчасови. Од планираните вкупни капитални инвестиции во енергетскиот систем, кои до 2040 година се во размер од 9,4 до 17,5 милијарди евра, главниот фокус  е на инвестициите во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со подддршка и финансирање на програми од европски фондови и од меѓународни финансиски институции и донатори, кои исто така ја потенцираат важноста на овие инвестиции.

Повеќе досегашни студии на МАНУ покажуваат дека во државава има околу 15 најповолни локации за поставување на ветерни електрани за производство на струја. Според географската локација и релјефната конфигурација, нив ги има најмногу по долината на реката Вардар, односно Повардарието, во Овче Поле, околу Свети Николе, и на повисоките планински делови.