Вчера почна „Скопско лето 2015“

Вчера во салонот на Македонската опера и балет, со премиера на балетската претстава „Заспани убавици“, свечено беше отворено „Скопско лето 2015“.

Во 20 часот, во Национална галерија на Македонија – Мала станица, се одржа изложба по повод 25 години Галичка ликовна галерија „Просторна екстензија на уметноста“, со дела на Урош Ѓуриќ од Србија, Дејвид Голденберг од Велика Британија, Ајсберг Фернандез од Шпанија, Маурин Бахаус од Холандија, Која Исуфи од Косово и на ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски) од Македонија.

Под покровителство на Градот Скопје и на Министерството за култура на Република Македонија, годинашното „Скопско лето“ од 21 јуни до 31 јули, ќе се одржи на дваесетина различни сцени и отворени локации во градот, ќе понуди шеесетина програмски термини на концерти на класична, народна и на џез-музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери.

Скопје оваа година ќе биде домаќин на безмалку 200 уметници од 18 странски држави, од Јапонија и од Израел, преку Бугарија, Грција, Србија, Словенија, Унгарија, Германија, Холандија, до САД и до Аргентина.

На отворањето на „Скопско лето 2015“ се обрати претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.