Утре со почеток во 20 часот во КСП Центар- Јадро ќе се одржи презентација на проектот „Домашна работа“ на уметницата Кристина Божурска. Овој проект, како што кажаа од Центар- Јадро, има цел да развие експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса, каде што фокусот е насочен кон процесот и можностите што произлегуваат од тој процес.
„Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето на дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање на дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање на идеи и иницирање акција. Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност“, истакнаа од Центар – Јадро.
Од таму додаваат дека младите уметници беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори.
„Создавањето на пињати пред КСП Центар – Јадро нè однесе во друга форма на учеството на публиката. Креиравме настани за дружење со соседите и случајните минувачи и заеднички изработувавме предмети потребни за изложбата. Пињатите се направени од донирани, непотребни хартии од домашни задачи кои потоа беа персонализирани со текстови, напишани и собрани од младите учесници на онлајн работилниците. Кршењето на пињатите на отворањето на изложбата ќе биде метафоричка „катарза“, симбол на личното и колективно дејствување на разбивање на несаканата реалност и „пишување“ и замислување на нова иднина со поголема емпатија, сочувство и разбирање“, истакна Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот.
Божурска го развивала својот проект во периодот помеѓу март и јули 2021 година во кој свое активно учество зеле Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер.
Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми. Честопати трга од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус.
Имала самостојни изложби во галеријата Уна во Бјаред, Шведска; Мала Станица, МКЦ и СИА Галерија, Скопје; Прима галерија Берлин и Куманово и учествува на бројни групни изложби и видео-фестивали во земјата и надвор.