Урсула фон дер Лајен реизбрана за претседател на Европската комисија

Пристапувањето секогаш ќе биде процес заснован на заслуги. И ќе се погрижиме сите земји да бидат подготвени пред да се приклучат, изјави Фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Скопје, 26.10.2022 г. | Фото: Мета.мк

Европскиот парламент денеска ја избра Урсула фон дер Лајен за нов мандат на чело на Европската комисија. Ова е нејзиниот втор мандат.

За Урсула фон дер Лајен гласаа 401 пратеници – 284 беа против, воздржани беа 15, а 7 пратеници не гласаа.

Ова е втор петгодишен мандат на Фон дер Лајен која што ќе биде на чело на Европската комисија. Во својот говор претходно истиот ден, таа го наведе проширувањето на ЕУ како нејзина клучна цел.

Големото мнозинство гласови во Европскиот парламент на 18 јули за избор на Урсула фон дер Лајен за втор петгодишен мандат како претседател на Европската комисија го означува обидот за континуитет во извршната власт на ЕУ со искусен политичар чијшто европски мандат е нераскинливо врзан со политичкиот центар.

Како припадничка на генерацијата на високи државни службеници на европскиот проект, Фон дер Лајен, роденa во Белгија, изгради успешна кариера како умешна и ефикасна министерка во кабинетот под германската канцеларка Ангела Меркел, пред да влезе во високите ешалони на ЕУ пред пет години.

Во текот на нејзината кариера, таа отвори нови патишта за жените и доби репутација за постигнување консензус за итни прашања и на германската и на политичката сцена на ЕУ. Таа беше првата германска министерка за одбрана и првата жена на функцијата претседател на Европската комисија.

Во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент, Фон дер Лајен изјави дека ЕУ ќе ги поддржи земјите-кандидати за членство со тоа што ќе работи на инвестиции и реформи и ќе ги интегрира „секаде каде што е можно“ во европската законодавна рамка.

„Пристапувањето секогаш ќе биде процес заснован на заслуги. И ќе се погрижиме сите земји да бидат подготвени пред да се приклучат“, изјави Фон дер Лајен.

Во нејзин суштински интерес е и комплетирањето на Унијата, истакна Фон дер Лајен и додаде дека тоа ќе биде клучен приоритет на Европската комисија.

Таа додаде дека Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направиле својот слободен избор и затоа ЕУ мора да покаже цврста посветеност.