УНИЦЕФ: Сè поголемите горештини во Европа и Централна Азија убиваат речиси 400 деца годишно

Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија, или 92 милиони деца, веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот, се вели во анализата на УНИЦЕФ

Фото: Photo by Andrew Seaman on Unsplash

Како последица на сè повисоките температури во Европа и Централна Азија околу 377 деца починале во 2021 година, се вели во новата анализа на податоци од 23 земји од регионот објавена денеска од УНИЦЕФ.

Анализата насловена „Победете ја горештината: детското здравје сред топлотните бранови во Европа и Централна Азија“ открива дека половина од овие деца починале во првата година од животот од болести предизвикани од топлина. Повеќето деца починале во летните месеци.

„Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија, или 92 милиони деца, веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време. Без соодветна нега, ваквите компликации може да бидат опасни по живот“, рече Регина Де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

Изложеноста на топлина има акутни ефекти врз децата, дури и пред да се родат, па може да доведе до предвремено породување, мала тежина при раѓање, мртвороденче и вродени аномалии. Топлотниот удар претставува директна причина за смртност кај доенчињата, може да го засегне нивниот раст и да предизвика низа педијатриски заболувања. Исто така, во извештајот се забележува дека екстремните горештини предизвикале загуба на над 32.000 години здрав живот кај децата и тинејџерите во регионот.

Бидејќи температурите и натаму растат, УНИЦЕФ ги повикува владите низ Европа и Централна Азија:

  1. Да интегрираат стратегии за намалување на ефектот од топлотните бранови преку Националните утврдени придонеси, Националните планови за адаптација и политиките за намалување на ризикот од катастрофи и за контрола на катастрофи, при што децата треба да бидат во центарот на овие планови;
  2. Да инвестираат во здравствени акциски планови за справување со екстремни температури и во примарната здравствена заштита за обезбедување посоодветна поддршка при болести предизвикани од топлина кај децата;
  3. Да инвестираат во системи за рано предупредување, каде што спаѓаат и системи за предупредување при топлотни бранови;
  4. Да ги адаптираат образовните установи за да се намалат температурите во просторот каде што децата учат и да ги подготват наставниците како да постапуваат кога има топлотен бран;
  5. Да ги приспособат урбанистичкото планирање и инфраструктурата, како и да обезбедат опременост на зградите, посебно на оние во кои се сместени најранливите заедници, за да се минимизира изложеноста на топлина;
  6. Да се обезбеди снабдување со чиста вода, особено во земјите каде што квалитетот и достапноста на водата се влошуваат.

„УНИЦЕФ работи со владите, партнерите и заедниците од целиот регион за да изгради отпорност против топлотните бранови. Ова значи оспособување на наставниците, здравствените работници во заедницата и семејствата со вештини и знаења за да реагираат на топлотниот стрес“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.