Убиен напаѓачот од Хјустон, ранети девет лица

Девет лица се ранети кога адвокат отворил оган пред трговски центар во Хјустон, Тексас, пред да го убие полицијата.

Едно од повредените лица е во критична состојба, а едно во тешка, додека три лица се пуштени од болница, изјави шефицата на полицијата, Марта Монталво.

Полицијата сè уште не го открива идентитетот на напаѓачот, а Монталво само изјави дека тој е адвокат и дека имал проблеми со својата адвокатска фирма.

Според зборовите на некои очевидци, адвокатот испукал десетина куршуми на автомобилите кои поминувале, а на паркиралиштето во близина имало неколку автомобили со дупки од куршуми и искршени прозорци.

Напаѓачот отворил оган и на полицијата која стигнала откако добила дојава за пукањето. Полицајците го раниле напаѓачот, кој подоцна починал на местото на настанот.

Повеќе парчиња оружје се пронајдени на местото на пукањето, а истрагата и понатаму е во тек.