Твоја приказна, наша поддршка – кампања за менталното здравје кај средношколците

Во рамки на кампањата ќе биде објавен и повик за средни училишта кои се заинтересирани да бидат дел од процесот на трансфомирање воден од „Младите можат“, чија крајна цел е тие да воведат практики за грижа за менталното здравје на своите ученици.

Граѓанската организација „Младите можат“ ја започнаува кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, чија основна цел е зголемување на свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.

Кампањата ќе се спроведе во средните училишта во државата и ќе опфати низа едукативни активности насочени кон учениците, но и кон наставниот кадар и стручните служби.

„Целта е да понудиме конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат учениците, но и да им порачаме дека треба отворено да зборуваат за стресот, анксиозноста, меѓуврсничкото насилство, градењето доверба. Исто така, важно нѝ е да помогнеме средните училишта да прераснат во инклузивни средини кои се подготвени во секој момент да им понудат поддршка на учениците во насока на поттикнување грижа за себе, своето ментално здравје и благосостојба“, вели Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.

Кампањата ќе се фокусира на визијата на средношколците за својата училишна средина и атмосфера односно како треба да изгледа едно училиште кое се грижи за менталното здравје и благосостојба на учениците.

Крајната цел е да се поттикат надлежните институции да инкоприраат образование за ментално здравје во рамки на училишните програми.

Во рамки на кампањата ќе биде објавен и повик за средни училишта кои се заинтересирани да бидат дел од процесот на трансфомирање воден од „Младите можат“, чија крајна цел е тие да воведат практики за грижа за менталното здравје на своите ученици.