Центар ќе го затвори опасното градилиште на „Настел“

Општина Центар планира утре да го затвори градилиштето каде што фирмата „Настел“ пред неколку години ископа градежна јама за да гради хотел, соопштија од локалната самоуправа.

„Земјата околу јамата на улицата Осма ударна бригада, во близина на италијанската амбасада, е пропадната, отворена е дупка поради градилиштето и е нарушена стабилноста на околното земјиште“, пишува во соопштението на Општината.

Како што известуваат од локалната самоуправа на Центар, во согласност со Законот за градење, фирмата ќе биде казнета со глоба од 2.000 до 4.000 евра, додека за одговорното лице ќе има глоба од 1.000 до 2.000 евра.

„Улицата Осма ударна бригада беше целосно реконструирана пред  речиси една година, но веднаш беше забележано дека има опасност од поткопување на улицата и од оголување на инсталациите бидејќи веднаш до улицата, Азманов има добиено дозвола за изградба на хотел, за што веќе неколку години стои ископана огромна дупка длабока неколку метри. За опасноста од свлечиштето, за оголената инсталација и за опасноста за возила и за пешаци, неколкупати во текот на минатата година надлежните го известуваа бизнисменот Азманов, кој ветуваше дека ќе го реши проблемот“, пишува во соопштението од Општина Центар.