Триесет општини добија механизација преку Проектот за подобрување на општински услуги

Триесет општини добија механизација преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии. Станува збор за десет ровокопачи во вредност од 45,7 милиони денари, кои се обезбедени како грант-средства од ЕУ. Со ова ќе се обезбедат подобри општински услуги за околу 300.000 граѓани кои живеат во руралните општини.

-Механизацијата ќе придонесе за подобрување на условите за живот за граѓаните на повисоките места, како и во руралните општини. Таа ќе овозможи непречено извршување на општинските услуги, како расчистување на патишта во различни временски услови, редовно чистење на канали, регулација на речни корита, превенција на поплави и други активности-истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој посочи дека ваквите инвестиции значат многу за локалното население, бидејќи решаваат реални проблеми и ги подобруваат условите за живот во општините.

„Проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Европската комисија и Светска банка ја има токму таа цел. Преку инвестиции во локални патишта, водоводи, градинки, училишта да се подобри животот на граѓаните во сите општини во земјата“, додаде Тевдовски и потенцираше дека има добра реализација на Проектот за подобрување на општински услуги од околу 80 проценти.