Трејлерите за серијата „Фондација“ на Исак Асимов ги воодушевуваат љубителите на научна фантастика

Македонски изданија на првите два дела од серијата „Фондација“ на Исак Асимов и трејлерот за ТВ-адаптацијата. Фото: Meta.mk, CC BY.

Неколку дена по најавата дека на 24 септември ќе започне со емитување на ТВ-серијата „Фондација“, адаптација на реномираната серија научнофантастични романи на Исак Асимов, „Епл Тв“ ги објави и првите трејлери.

Видео клиповите ги пречека широко одобрување од заедницата на љубители на научна фантастика, кои очекуваат квалитет и влијание слично на „Игра на тронови“.

Првиот трејлер, објавен на 22 јуни, веќе има над 12 милиони гледања, додека вториот за само еден ден се наближува до еден милион. Во нив се прикажани сцени од првите три епизоди на серијата.

Американскиот писател и научник Исак Асимов почнал да објавува кратки приказни од светот на „Фондација“ 1942 година. Помеѓу 1952 и 1953 година ги објавил првите три книги во форма на трилогија, која по 1981 година беше надополнета со четири нови романи сместени пред и по основното дејство, со кои се прави и поврзување со другите негови серии романи и раскази, за роботите и за галактичката империја.

Основна тема на серијата „Фондација“, чие дејствие се одвива десетици илјади години во иднината, е распадот на општествениот поредок во еден систем обременет со корупција и напорите за повторно воспоставување галактичка цивилизација од една група активисти и научници, кои промовираат зачувување и унапредување на знаењето и човековите права.

Многу од делата на Асимов, кој почина 1992 година, беа преведувани во времето на Југославија, при што за серијата „Фондација“, односно „Задужбина“ на српски, постоеше консензус дека претставува ремек-дело на научнофантастичниот жанр.

Во текот на 2019  и 2020 година, издавачката куќа „Паблишер“ од Скопје ги објави на македонски јазик првите два дела од оригиналната трилогија – „Фондација“ и „Фондација и империја“. Истите се достапни во книжарниците низ земјава.

Со тоа е премостена празнината од скоро три децении од објавувањето на првата книга од серијата за роботите, „Челични пештери“ на „Детска радост“ во 1988 година, која може да се најде и во некои од јавните библиотеки. Во меѓувреме беше најавено објавување на уште неколку изданија од разни издавачи, но ниту едно од нив се нема појавено во книжарниците.