Светскиот ден на предвремено родени бебиња ќе се одбележи и во Скопје

По повод 17 ноември, Светскиот ден на предвременото породување, информации за предвременото породување и за предизвиците со кои се соочуваат предвремено родените бебиња и нивните семејства ќе понудат денеска на штанд во „Скопје сити мол“ од клубот на родители „Прем нова“ и од здружението „Лулка“ .

Овој ден го одбележуваат, пред сè, родителите преку голем број национални родителски организации во речиси сите држави во светот, но и здравствените работници на одделите кои работат со предвремено родените бебиња.

Според податоците на „Лулка“, 10 до 15 проценти од сите новородени се раѓаат предвреме. Значајно е тоа што речиси 50 проценти од сите предвремени породувања настануваат од непознати причини, но има и бројни познати ризик-фактори кои треба да ги знаеме за да го превенираме или предвидиме предвременото породување. Предвременото породување може да му се случи секому, а она што следи потоа е исклучително тежок период за предвремено роденото бебе и за неговото семејство, соопштуваат од здружението.