Сугарески: Се реализираат дваесетина комунални проекти во вредност од околу 10 милиони евра

Министерството за транспорт и врски реализира преку двесетина проекти во комуналната сфера со вкупна вредност од околу 10 милиони евра, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на Општина Струмица.

Тој додаде дека од почетокот на мандатот покрај патиштата и гасификацијата, фокусот е ставен и на изградба на канализации и водоводи.

„Вкупната инвестициона вредност во изградба на канализациониот систем е околу 650 илјади евра. Се предвидува изградба на 16 километри канализационен систем, осум километри во Дабиле и осум километри во Просениково, со што решаваме еден крупен проблем за околу 3.000 жители во овие населени места. Очекувам до септември ова да биде завршено, проектот се реализира преку Министерството за транспорт и врски во соработка со општината“, изјави Сугарески.

Според градоналачникот Коста Јаневски, ова е многу значаен проект за подобрување на животот на жителите во Дабиле и Просениково.

„Во непосредни средби со граѓаните, канализационите системи беа на прво место во нивите барања кои требаше да ги реализираме. Овој проект е резултат на добрата соработка меѓу општината и централната власт. Во Просениково веќе е завршена изградбата, овде во Дабиле останува да се доработат уште стотина метри, така на огромно задоволство на жителите ќе се реши долгогодишниот проблем. Останува заложбата на општината да дозиградби неколку краци и поврзување на домаќинствата”, истакна Јаневски и додаде дека општината работи на уште неколку други комунални проекти во населените места во Струмица.