Вистиномер: Стационарот за бездомни кучиња во Струмица готов, но се најавува отворање до крајот на годината

Стационарот за бездомни животни во Струмица. Фото: Исечок од видео

Мета.мк ја пренесува анализата на „Вистиномер“ на изборно ветување на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски:

Ветување: Изградба на стационар за кучиња бездомници во Струмица

 [Извор: Изборна програма на градоначалникот Коста Јаневски „Живот во Струмица за сите“ стр. 21; датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски за изградба на „Стационар за кучиња бездомници’’,  наведено  во неговата изборна програма  „Живот во Струмица за сите (стр. 21), со која излезе на локалните избори во 2017 година, досега (04.10.2021) не е целосно реализирано. Стационарот е изграден, набавена е опремата потребна за заловување и транспорт на кучињата бездомници, но стационарот сè уште не работи, се најавува негово отворање на крајот на годината. Па, имајќи предвид дека мандатот на Јаневски завршува, почната е и кампањата за новите локални избори, ова негово изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

Инаку за време на изборната кампања во 2017 година Јаневски, како кандидат за градоначалник, објави дека ќе го реши проблемот со кучињата скитници во општина Струмица. Тоа претставува горлив и сè поизразен проблем за струмичани, кои со години реагираат.

Општина Струмица во соработка со невладини организации и здруженија за заштита на животните ќе го спроведе процесот на заловување на кучињата бездомници на најхуман можен начин, со целосно спроведување на стратегија „не убивај“ и почитување на важечките законски прописи од Законот за заштита и благосостојба на животните. Со средства од буџетот на општината на влезот на градот ќе се направи стационар со повеќе боксови кој ќе биде заграден со жичена ограда. Заловувањето ќе се извршува со специјално возило, со кое истите ќе бидат и транспортирани, напиша Јаневски во својата програма.

Но, проблемот се наметна како регионален, па градоначалниците од целиот Југоисточен плански регион се согласија да се изградат два одделни стационара преку Центарот за развој на Јуогисточниот плански регион, каде претседател е токму градоначалникот на Струмица, Јаневски. Решено е еден стадионар да се гради во Струмица.

Со двете прифатилишта се планира да бидат опфатени сите општини од регионот. Едното прифатилиште ќе биде во Струмица и ќе ги опфаќа општините Василево, Босилово, Ново Село, како и Радовиш и Конче, а другото во општина Гевгелија ќе ги опфаќа Валандово, Дојран и Богданци, кажа на почетокот на 2018 година  Жулиета Ѓуркова, директорка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Изградбата на стационарот за кучиња бездомници во Струмица почна во октомври 2018 година,  веднаш зад Пречистителната станица. Како што кажа  тогаш градоначалникот на Струмица, Јаневски во првата фаза од изградбата ќе бидат потрошени 20 милиони денари

Оваа инвестиција чини околу 20 милиони денари во првата фаза, а веќе имаме обезбедено грант од Швајцарската влада со поддршка на УНДП која обезбедува мебел, опрема и се друго што е потребно за еден ваков современ стационар, а тоа се боксови по современи норми, стручни лица кои што ќе вршат заловување на овие животни, стручен персонал кој што ќе учествува во третирањето на животните и мислам дека добиваме еден стационар кој што ќе има високи европски стандарди. Тендерот се распиша преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и го доби фирмата „Атриум“ од Вевчани, се надевам дека професионално, брзо и во предвидените рокови ќе го завршат своите обврски , рече градоначалникот Јаневски.

Една година подоцна (2019 г.), Центарот за развој на Југоисточниот плански регион набави две возила со кои ќе се заловуваат бездомните животни, за стационарите во Струмица и Гевгелија, кој, пак,  потоа се дислоцираше во Валандово. Набавката на возилата е направена со средства од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој и УНДП

Градоначалникот Јаневски лани (2020 г.) кажа дека постапката за изградба на стационар за бездомни кучиња е во тек, при што соопшти дека е формирано регионално јавно претпријатие, но конкретно не прецизираше кога се очекува да профункционира истото и да почне процесот на заловување на уличните кучиња.

Одлучивме да биде регионално претпријатие, бидејки тоа е регионален проект кој ќе фунцкионира со еден прифатен центар и тоа во Струмица, рече тогаш Јаневски

Пред почетокот на  изборната кампања за претстојните локални избори (2021), градоначалникот Јаневски на својата ФБ страница објави дека стационарот е готов, но ќе почне да функционира на 1 декември

Ветивме и реализиравме трајно решавање на проблемот со кучињата скитници во Општината. Знам дека беше долг период, но и проблемот беше сложен и конечно се најде најдоброто решение. Од 01.12.2021 година Јавното претпријатие Астра Луна – Струмица ќе започне со секојдневни активности за грижа и заштита на бездомните животни. Обезбедени се сите неопходни услови за подобрување на безбедноста на граѓаните и за трајно решавање на проблемот со кучињата скитници на хуман начин, напиша Јаневски на Фејсбук на 26 септември.

Во рамките на објавата тој презетираше и видео како би функционирал Стационарот во Струмица

Сепак, со оглед на тоа дека мандатот на Јаневски завршува, а стационарот за бездомни кучиња во Струмица сè уште не е отворен, ова негово ветување го сметаме за делумно исполнето, нагласува „Вистиномер“.