Студентите на Медицински факултет со часови чекаат ред за упис на семестар [галерија]

Рокот за заверка на стариот и упис на новиот семестар истекува утре. Ако не го испочитуваат, студентите треба да платат казна. Дополнителен предизвик е „бркањето“ на професорите за добивање на потпис и оцена, но и идентичниот термин за завршување на оваа обврска за сите студенти на факултетот

Редица студенти долга стотина метри речиси цел ден го „красеше“ Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје, каде студентите со часови чекаа за да стигнат до службата за студентски прашања и да го упишат новиот семестар.

Рокот за упис на летниот семестар за студентите од сите години и од цел факултет истекува утре. Вакви гужви се создале и вчера, а студентите се жалат што терминот за упис истекува среде испитна сесија, па наместо да учат, времето го поминуваат стоејќи во место со часови. Дополнителен предизвик за студентите е собирањето на потписи и оценки од дел од професорите до кои тешко се доаѓа, па некои студенти, дури и по долгото чекање, по стигнувањето на шалтер биле враќани назад.

Мета.мк денеска го посети Медицинскиот факултет каде поразговаравме со студентите кои чекаа да влезат во зградата на факултетот и да ја завршат оваа обврска навреме.

Доколку не стигнат да го упишат семестарот до утре, студентите ќе треба да платат казна од 1.000 денари.

„Би требало да ги дадеме само документите, да стават печат што и да треба, да нè запишат во ‘iKnow’ и тоа е тоа. Не знам зашто има толку голема гужва, можеби затоа што сме чекале до последен ден“, изјави студентка кога ја прашавме како оди процесот за заверување и упис на семестар.

Таа и уште неколку други студенти изјавија дека било најавено оти ќе работат 4 шалтери за процесот да заврши побрзо, но студентите се сомневаа во функционалноста на службата.

Дел од оние што вчера и денес успеале да стигнат до шалтерите на Студентски прашања, рекоа дека на моменти работеле само два, а понекогаш и три шалтери. Дополнително, студентите се пожалија и на груб однос од страна на вработените.

„Тотално заостанат систем, целата поента на ‘iKnow’ системот е да ни олесни завршување на студентски обврски без разлика дали тоа е земање потврди, потписи или уписи. Ама ‘iKnow’ системот е бескорисен ако не можеме тоа онлајн да го завршиме, туку сме приморени да бркаме професори за потписи и оценки. Трошиме и наше и нивно време за нешто што може да биде завршено онлајн“, вели еден од студентите.

Поплаки имаше и за лошата организација, затоа што сите студенти имаат исти термини за пријавување, што значи дека сите речиси 3.000 студенти од цел факултет, без разлика која година ја изучуваат, заверуваат семестар во ист временски период.

Според идните доктори, секој семестар досега студентите имале можност да ја завршат оваа обврска неколку денови по завршување на испитната сесија, што овојпат не е случај.

„Не е воопшто организирано, сите смерови, сите години наеднаш запишуваме. Ни кажаа дека рокот е до утре. Претходно можело и покасно да се донесат документи, сега мора да се заврши до утре, а сесијата уште не е завршена. Чекаме редица од два часа и ако фали некој документ или потпис, ќе треба да се вратиме и пак да го правиме истото“, ни објаснуваа студентите.

Процесот за запишување на семестар започнува со избирање на предметите во „iKnow“ системот, а потоа студентите купуваат листови за заверка на стариот семестар од книжарите на факултетите, кои ги пополнуваат со лични податоци и кодови што ги дава „iKnow“. На крај, со индекс и пријави, студентите одат на студентски прашања за заверка на документите.

За овој процес има ограничено време, но студентите апелираат дека има многу пречки на патот кон запишување семестар и оти доколку задоцнат, плаќаат казна.

„iKnow“ системот, според неговата дефиниција во корисничкото упатство, е „апликација која треба да ги обезбеди сите потребни функционалности за правилна, ефективна и ефикасна работа на студентите на факултетите во рамки на Универзитетот“, што очигледно се коси со реалноста.

И по завршувањето на обврските во овој системот, студентите треба со часови да чекаат во ред за постапка која би требало да се заврши во неколку минути.

Медицинскиот факултет не е единствен ваков случај оваа испитна сесија. Големи гужви за упис на семестар имало и на други факултети, меѓу кои и на Машинскиот и ФЕИТ.

Со слични гужви секоја година се соочуваат и бруцошите на повеќето факултети на УКИМ. Иронично, неколку години по ред, најголеми гужви се создаваат на ФИНКИ, кој важи за факултет со најнапредно ниво на дигитализација на процесите.

Ретки се факултетите на УКИМ, но и во Македонија, каде овој процес не е макотрпен за студентите и каде целосната процедура се извршува онлајн. Денешната слика пред Медицинскиот факултет во Скопје е уште еден доказ за потребата за дигитализација во високото образование.

Гужви за упис на ФИНКИ, идните бруцоши во 2023 поднесуваат хартиени документи [фото]