Синдикалните права и правата од работен однос во македонските медиуми се застапени на ниво на статистичка грешка од само 3,5 проценти, покажува надзорот на известувањето на медиумите спроведен од страна на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), спроведен во периодот од февруари до април 2017 година.

Во временски периодот од трипати по една седмица или во текот на 21 ден во седумте медиуми што биле следени, објавени се вкупно 2.818 новинарски содржини, поточно текстови или ТВ-прилози, од кои само 100 се однесуваат на темите од областа на работните права. Набљудувани биле првата програма на „Македонската радиотелевизија“, „Алсат-М“, „Фокус“, „Република“, „Дневник“, „Слободен печат“ и „Телма“.

„Покрај тоа што медиумите речиси и не известуваат за овие прашања, кога ќе отворат вакви теми, тоа е најчесто површно информирање на јавноста, без да се навлегува во анализа. Анализирани беа и одделните теми што ги опфаќаат овие 100 новинарски производи и резултатот е дека дури 46 проценти од нив, што и во апсолутна бројка е 46 текстови или прилози, се однесуваат на правото на плата, 16 отсто информираат за теми поврзани со безбедноста при работа, по 13 отсто ги третираат дискриминацијата и условите за работа, а мобингот, годишниот одмор и отказите се јавуваат во по само три отсто новинарски производи“, соопштува ССНМ.