ССНМ бара да нема прес-конференции на отворено додека трае топлотниот бран

Синдикатот потсети дека во услови на портокалово ниво на опасност од високите температури, Владата, меѓу другото, препорача да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, но дека самите владини претставници и претставниците на политичките партии не ја почитуваат оваа мерка

Лого на ССНМ / Фото: Веб сајт на синдикатот

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска апелираше до политичките чинители во земјава да ги почитуваат актуелните препораки за заштита од топлотниот бран. Синдикатот потсети дека во услови на портокалово ниво на опасност од високите температури, Владата, меѓу другото, препорача да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, но дека самите владини претставници и претставниците на политичките партии не ја почитуваат оваа мерка.

ССНМ ги посочи примерите на коалицијата „Вреди“ која денеска организираше прес-конференција на плоштадот „Скендербег“ во Скопје во 12 часот, додека вчера, во Охрид, изјава за медиумите во 14 часот имал и министерот за култура Зоран Љутков.

„Сметаме дека и владините претставниците и партиите треба да внимаваат на временскиот интервал кога ги закажуваат изјавите за медиумите, или пак, доколку е неопходно да се одржуваат во период од 11 до 17 часот, настаните да се организираат во затворени и климатизирани простории“, посочуваат од Синдикатот.

ССНМ претходно апелираше и самите медиуми да им овозможат соодветна заштита на своите вработени, особено на оние новинари и медиумски работници што мораат да известуваат на отворено.

„Новинарите и медиумските работници по службена должност мора секогаш да се на терен и да известуваат при секакви временски услови и токму затоа треба да се внимава и соодветно на условите да се постапува при извршување на работните задачи. Сметаме дека ниту еден работник не треба да биде изложуван на непотребен ризик по здравјето при извршувањето на своите обврски“, велат од ССНМ.