Сребро и бронза за македонскиот тим ученици на Меѓународната хемиска олимпијада во Саудиска Арабија

Сребрениот медал е прв досега за Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија

Македонските ученици и нивните ментори во Ријад, Саудиска Арабија / фото: Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ)

Еден сребрен и еден бронзен медал освои македонскиот олимписки тим на Меѓународната олимпијада по хемија ICho 2024 што се одржува во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.

Тимот средношколци што ја претставуваа земјава на овој меѓународен настан беше составен од Иван Костевски и Марио Ванчоски од штипската гимназија „Славчо Стојменски“, Елена Живаљевиќ – ученичка во „Јахја Кемал“, Скопје и Петар Мирчевски од прилепската гимназија „Мирче Ацев“.

Среброто го освои Петар Мирчевски, додека со бронза се закити Марио Ванчоски.

Сребрениот медал е прв досега за Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија.

Во Ријад годинава на хемиската олимпијада учествуваа вкупно 327 учесници од 84 држави.

Мета.мк претходно пишуваше за предизвиците со кои се соочуваат младите хемичари на својот пат кон меѓународните успеси.

Ако успеат да стигнат, младите хемичари освојуваат медали на меѓународни натпреварувања