SpeakOut: Преку анонимно искажување и дискусии до подобро ментално здравје

Speak Out
фото: SpeakOut

Подобрување на менталното здравје преку анонимно искажување е целта на новата платформа која неодамна беше пуштена во употреба. Апликацијата SpeakOut преку предавања и дискусии ќе се бори против стигмата за менталното здравје кај младите лица и ќе укажува на неговата важност.

„Секој во себе крие нешто што не може да го сподели со своите блиски и затоа SpeakOut се нуди како простор за младите каде анонимно можат да споделуваат, дискутираат и комуницираат“, велат за „Мета.мк“ од SpeakOut.

„Идејата за оваа апликација потекнува од предизвикот ‘Generation Unlimited’ и нашата желба да им помогнеме на сите оние коишто имаат потреба да го подобрат своето ментално здравје. Преку нашите долги дискусии и споделување лични искуства меѓусебе сфативме дека на младите им треба простор каде што ќе можат да споделат свои искуства, мислења и ставови сосема анонимно“, вели Александра Поповска, девелопер на апликацијата.

SpeakOut е потполно анонимна апликација која е составена од форум на кој корисниците можат да споделат искуства, да отворат дискусии и да остават коментари на постовите на останатите корисници. Друг важен дел од платформата е чатот со волонтерите каде што секој корисник може да зборува еден на еден со волонтерот за своите проблеми и да побара помош и поддршка. Ова ја прави апликацијата посебна и поразлична од останатите, велат од SpeakOut.

SpeakOut
Корисниците можат да дискутираат меѓусебно или со волонтери/ фото: SpeakOut

Додаваат дека волонтер може да биде секој млад човек што има желба да даде поддршка и помош на оние на кои им се потребни, разбира дека има голема стигма за менталното здравје и сите оние кои сакаат да ја поддржат SpeakOut иницијативата.

„Волонтерите на SpeakOut се поделени на чат волонтери, модератори и жирафчиња (In-Team волонтери). Чат волонтерите се тие кои зборуваат еден-на-еден со корисниците и кои претходно поминале посебна обука со експерт за да можат да им дадат поддршка на корисниците. Од друга страна, In-Теам волонтерите се млади кои сакаат да се приклучат во SpeakOut со тоа што ќе придонесат во одржување на платформата и иницијативата, како и градење на SpeakOut заедницата“, додава Поповска.

Тимот на SpeakOut се проширува со нови волонтери кои ќе ја водат иницијативата во иднина и континуирано ги држи вратите отворени за сите што ќе сакаат да помогнат во реализирање на идејата и градење на заедницата.

„Секој што е заинтересиран да се вклучи како волонтер во една од групите (социјални мрежи, технологија, организирање, креативно пишување, дизајни) може да нè контактира преку социјалните мрежи. Кога беше пуштена бета верзијата на апликацијата, многу од младите имаа храброст да постават прашања за своите врсници кои исто коментираа со совети“, вели Поповска.

SpeakOut
Анонимно искажување на платформата / фото: SpeakOut

Тимот на SpeakOut во моментов ја разгледува соработката со Универзитетската Клиника со тоа што младите ќе можат во одреден термин да се поврзат со психолог и да зборуваат преку чат, а велат дека се отворени за соработка и со други иницијативи кои се стремат за истата цел – одржување на менталното здравје.

Апликацијата е достапна за симнување од Play Store, а младите можат да ја следат платформата и на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.