Со европски филмови под ѕвездите – Beach Film Festival Охрид 2024

Овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на локациите: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид

Фото: Beach Film Festival Охрид

Од 17 до 21 јули на четири локации во Охрид ќе се одржи седмото издание на „BEACH FILM FESTIVAL ОХРИД 2024“ каде што секоја година се промовираат нови европски филмови. Овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на локациите: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид.

Фестивалот ќе го отвори филмот „Живи и Здрави“ (Forever Hold Your Peace), а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови и тоа: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican. Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите Sioto Jazz и Xarakiri, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо SIZ.

Оваа година на фестивалот ќе има четиричлено жири кое се состои од: Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете Институт), кое ќе ги доделат наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување. Исто така, е оформено и тричлено жири кое ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм, а кое се состои од: Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски.

Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и посебно ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор, целно во периодот додека трае фестивалот. Поради тие причини оваа година фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 – 21 јули со почеток од 20.00ч. ќе има проекции на детски филмови и влезот на истите е бесплатен.

BEACH FILM FESTIVAL ОХРИД е од големо значење како културен настан во државата бидејќи привлекува млада публика (18-35 години) која е исклучително тешко во денешно време да биде анимирана и ангажирана да проследи европски кинематографски остварувања, во време кога на сите платформи се промовираат новите холивудски блокбастери. Поттикнувајќи ја филмската писменост, фестивалот служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и  разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер, филмски ентузијаст, или едноставно поединец кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, овој фестивал е правата дестинација за ова лето.