Словенечкиот премиер е надвор од животна опасност, но останува на интензивна нега

„Можеме да ја сметаме неговата состојба за стабилна со позитивна прогноза“, додаде Калинак пред болницата каде што се лекува Фицо.

© European Union, 2024, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Словачкиот премиер Роберт Фицо веќе не е во животна опасност, но останува на интензивна нега четири дена откако беше застрелан од вооружен маж, изјави заменик-премиерот на земјата, а пишува Гардијан.

„Неговата состојба и понатаму е сериозна и му треба интензивна нега“, им рече на новинарите Роберт Калинак, најблискиот политички сојузник на Фицо.

„Можеме да ја сметаме неговата состојба за стабилна со позитивна прогноза“, додаде Калинак пред болницата каде што се лекува Фицо.

Тој исто така изјави дека Фицо засега ќе остане во болницата во Банска Бистрица, бидејќи состојбата е сè уште премногу сериозна за да може премиерот да биде префрлен во болница во главниот град Братислава.

Фицо беше застрелан во средата по состанокот на владата во градот Хандлова.

Калинак претходно изјави дека Фицо се здобил со четири прострелни рани, две лесни, една умерена и една тешка.

Фицо во средата имаше петчасовна операција, а во петокот следеше втора операција.

Осомничениот вооружен напаѓач, идентификуван од словачките медиуми како 71-годишниот поранешен чувар, Јурај Цинтула, е обвинет за обид за убиство со умисла и во саботата беше ставен во притвор од специјалниот кривичен суд.

Специјализираниот кривичен суд на Словачка нареди притвор на осомничениот откако обвинителите рекоа дека стравуваат дека тој може да побегне или да изврши дополнителни злосторства, рече портпаролот на судот.