Сите убави изрази на Груевски: Клоци, стампеда, ангели, ѓаволи, насадени, црпнати…

Со педесетина пати изговорен зборот „народ“ и со повеќекратно повторување на зборовите „будала“ и „глупав“, помина 30-минутниот говор на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера на 16. конференција на партиската унија на жени. Со низа метафори, поговорки и со измислени фрази, лидерот на владејачката партија го пумпаше расположението на своето членство во овој пред-предизборен период:

  • „Некој, користејќи го СДСМ сакаше на најможно валкан начин да го сруши ВМРО-ДПМНЕ.“
  • „Сè беше совршено подготвено, но, како што знаеме, не постои совршен злочин.“
  • „На 24 април доаѓаат казната и одмаздата на народот.“
  • Во април народот на Македонија ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери.“
  • „Сите криминалци со политички амбиции кои во иднина ќе помислат дека преку поткупи, измами, монтирани снимки, ставање на земјата и народот под залог, држење под тензија на целата држава, активности со кои се одвраќаат инвеститорите и отворањето на толку посакуваните работни места ќе се обидат да добијат нешто за себе, ќе добијат клоца од убедливото мнозинство народ во ова земја и тоа на првите наредни избори, преку масовно стампедо, излегување и гласање.“
  • „Народот на следните избори ќе каже не само дека е господар на оваа територија и одлучува за својата иднина, туку дека е мудар народ, отколку глупав како што се мисли, дека е попаметен од многу служби и нивните црпнати инструменти.“
  • „Не велам дека ние немаме грешки и пропусти, не сме ни ангели ни безгрешни, луѓе сме пред сè…“
  • „Да сумирам, по дождот доаѓа сонце…“
  • „СДСМ знае дека пристигнува казната… Цела година соработуваа со ѓаволот, сега ѓаволот си доаѓа по своето.“
  • „Како вика нашиот народ, кој со натемаго тикви сади, ѓаволот му очи вади.“