Серта во пламен: Куќата ја изградив за починатиот син, ако изгори ќе изгубам сè

Мојот син тука доаѓаше да дише, од воздухот на оваа планина. Затоа и ја направив куќава, во негов спомен. Деновиве сум овде, носам храна и вода, за пожарникарите, за припадниците на АРМ кои го гасат пожарот, раскажува за Мета.мк неготинчанецот Коле Танев

Неготинчанецот Коле се надева пламените јазици нема да дојдат до селото Калањево. Фото: Мета.мк

Мојот син Иле овде дишеше. Го дишеше воздухот на оваа планина. Многу сакаше да поминува време овде, во Калањево, овде тој се чувствуваше најдобро. Имаше само 25 години кога почина од карцином. Ова што го гледате, го градев сам, во негов спомен. Да остане, да се памети и после многу години. И ако ова го изгубам, јас ќе изгубам сè.

Преморен, изнемоштен и исплашен за иднината на неговиот единствен и најдраг имот, пред која стои натпис „Вила Иле“, со солзи во очите, неготинецот Коле Танев си ја отвори душата за екипата на Мета.мк, шест дена откако огнените пламени јазици беснеат близу селото Калањево, на планината Серта. Едноставно, човек не може да остане рамнодушен на животната приказна на овој човек, емотивно поврзана со едно семејно огниште кое сега е во опасност од пламените јазици.

„Мојот син на оваа планина наоѓаше мир, затоа и ја направив куќава, во негов спомен. Деновиве сум овде, носам храна и вода, за пожарникарите, за припадниците на АРМ кои го гасат пожарот. Минатата среда дојдов, но ме евакуираа, па вчера дојдов пак. Овде сум, и сум на располагање на службите за сè што им треба. Имам резерви од вода собрано на страна за ако затреба да излезам во пресрет“, раскажува Коле.

Куќата која емотивно го врзува за неговиот син, Коле си ја градел шест години. Фото: Мета.мк

Внатре во неговата куќа, сè е во знакот на Иле. Бројни фотографии стојат закачени на ѕидовите и сведочат за едно посреќно, побезгрижно време. Дали ќе бидат сочувани зависи од временските услови и од службите кои денеска неуморно го гасеа пожарот на Серта, кој пак, безмислосно се разгоруваше и ширеше по планинската верига.

Спомените на ѕидот сведочат за едно поубаво, побезгрижно време. Фото: Мета.мк

И соседите на Коле беа со него во дворот. Нивните загрижени погледи кон огнената стихија зборуваат многу. Овие луѓе прават сè за да си ги заштитат домовите и да им помогнат на пожарникарите колку што можат.

Денеска во Калањево беше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, заедно со припадници на АРМ и со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој ја информираше за состојбата на терен. Зборуваа за меѓународната помош која стаса деновиве, во хеликоптери и ер трактори кои полнат вода од брана што се наоѓа во близина, како и од Вардар, со што се обидуваат да ги изгасат пламените јазици.

Откако си замина претседателската делегација, ни се јавија мештани од Калањево и ни испратија фотографија од моменталната ситуација, на која се гледа како огнот е проширен повеќе од претходно кога хеликоптерите гасеа. За ова редакцијата на Мета.мк реагираше кај директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој ни одговори дека ќе се обиде да пренасочи летала, но кажа дека ќе биде тешко. Утрово, тој во видео изјава кажа дека пилотите на леталата се веќе уморни.

Ридови престорени во пепел  

Патот од Неготино до Калањево е ридско-планински, тесен и со големи кривини, долг околу десетина километри. Не може да не ве допрат апокалиптичните слики кои ги гледате по пат, од изгорени ридови и дрвја, пеплосани предели кои којзнае кога би се „родиле“ повторно.

Траорна глетка од пеплосаните ридови по патот до Калањево. Фото: Мета.мк

По пат, на секои два километри има полициски патроли кои го контролираат движењето во овој регион. На терен се припадници на АРМ, противпожарни служби, луѓе од Центарот за управување со кризи, од Дирекцијата за заштита и спасување, како и месно население.

И пожарот на Огражден се засили

Екипата на Мета.мк беше и близу Огражден, каде што исто така веќе неколку дена беснеат пожари, во близина на селата Баделен и Стиник, општина Ново село. Полициски патроли имаше насекаде и согласно протоколите, не беше дозволено приближување до зафатените предели. За состојбата со пожарите во овој регион, зборувавме со градоначалникот на Ново Село Ѓорѓе Божинов, кој и самиот се нашол во опасност вчера додека бил на терен.

За само неколку денови, на Огражден изгореа 500 хектари борова шума. Фото: Мета.мк

„Пожарот е активен од пред 8 дена и сè повеќе зема замав. Пожарникарите се константно на терен, вчера и јас бев со нив од 8 до 22 часот. Тоа се храбри момци кои влегуваат во најголемите огнени стихии во еден посебно стрмен и непристапен терен за човечка нога. До пред два дена беше зафатена борова шума, а вчера се прошири и кон западна страна, на воздушна линија од 2 километри до селото Стиник“, вели Божинов.

Како што тој потенцира, од пожар до пожар на Огражден има најмалку еден километар и според него, не е возможно тие пожари сами да се појавуваат. Сомнежите, според Божинов, одат во насока на тоа дека се подметнати.

И додека службите ги гасат пожарите, светла точка на локалното население му е временската прогноза, според која утре треба да има врнежи од дожд кои би ја ставиле ситуацијата под контрола.

Како што се упативме накај Скопје, напуштајќи го Неготино, нè дочекаа нови пламени, во близината на ТЕЦ Неготино, каде што наместо небо се гледаше само чад, нешто што доволно говори колку ситуацијата е излезена од контрола и зошто жителите се надеваат дека природата ќе им излезе на помош.

Фото: Мета.мк

Од Управата за хидрометеоролошки работи, за утре попладнето најавија нестабилно време со пороен дожд, грмежи, ветер и појава на град. Ова е утеха и за неготинецот Коле Танев – дека огнената стихија нема да ја зафати куќата што ја изградил, за да ги одржи живи спомените за неговиот син што трагично го загубил својот живот.