Седматa годишна истражувачка конференција на Народна банка, денеска почна во Охрид

Седматa годишна истражувачка конференција на Народна банка, денеска почна во Охрид.

Конференцијатa продолжува и утре, а традиционално се организира во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Македонија, е насловена „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

„Денеска ќе бидат разгледани повеќе теми, меѓу кои: реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот“, информираат од Народна банка.

Денеска на конференцијата ќе бидат презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија, Австрија, Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија.

Дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат претставниците на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеан, Франција и од НБРМ.

Воедно, во текот на првиот ден ќе биде доделена и Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството.