СДСМ: Со парите за нова зграда за Народна банка, можат да се отворат седум фабрики

„Барокното лудило на власта на Груевски продолжува преку гувернерот Богов со нови повеќе од 35 милиони евра пари на граѓаните! Со повеќе од 35 милиони евра за барокната зграда на НБРМ, можат да се отворат седум фабрики во вредност од 5 милиони евра и да се обезбедат најмалку 7.000 работни места“, се вели во реакцијата на СДСМ по најавите за изградба на нова зграда на Народна банка.

„Но, на Народна банка ѝ дојде до луксузна барокна зграда тешка повеќе од 35 милиони евра додека секој нов ден носи нови 3 милиони евра долг на граѓаните, јавниот долг достигна историски повеќе од 4 милијарди евра, секое бебе во Македонија се раѓа со долг од 2.000 евра, поради ваквите нелогични и расипани политики. Распишаниот оглас за јавната набавка на НБРМ е нов, од 2016 година. Ова само потврдува дека криминално-корупциската власт е заинтересирана само за тендери и пред заминување гледа да зграби што може од граѓаните. Секоја година расипничката власт на Груевски и на Ставрески испумпува од буџетот околу 400 милиони евра, пари на граѓаните, за криминални зделки преку анекс-договори. Затоа во Македонија повеќе од 500.000 луѓе живеат на работ на сиромаштија. Затоа 626.312 луѓе се иселија, главно млади, во потрага по егзистенција. Затоа повеќе од 50 проценти од младите се невработени. Ставаме крај на расипничките политики на Груевски и на неговите соработници. Ќе мора да им ги вратат парите на граѓаните. Сите што работеле противзаконски ќе одговраат“, стои во соопштението од опозициската партија.