Ременски: Управниот суд со решение ја укина тужбата од Диме Спасов

Управниот суд донел решение со кое тужбата и предлогот за привремена мерка на дополнителниот заменик-министер Диме Спасов против министерката за труд и социјална политика се отфрла како беспредметна во случајот со разрешувањето директор и со именувањето в.д. директор за ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп, информираше денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски.

Ременски појасни дека станува збор за тужбата и за решението за привремена мерка со кои Спасов, во својство на тужител, ги спорел решенијата за разрешување директор и за именување в.д. директор за ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп кои таа ги донела во јануари годинава.

– Судот утврдил дека дополнителниот заменик-министер пред да ја поднесе тужбата, можел, но не се обратил до ДИК, која во согласност со законот е единствениот надлежен орган што одлучува кои кадровски, финансиски и правни прашања се однесуваат на организација на изборите. Тоа е потврда дека дополнителниот заменик-министер не ја испочитувал надлежноста на институциите утврдени и со Законот за Владата на Република Македонија – истакна Ременски.

Ова решение, додаде таа, истовремено е доказ дека во институциите на РМ работат совесни професионалци со интегритет, кои одлучуваат исклучиво по словото на законот.