РЕК Битола викендов ќе работи со еден блок

Откако во текот на вчерашниот ден се случи испад на комбинатот од македонскиот електроенергетски систем, од таму денеска информираат дека во текот на ноќта и утрово во функција е ставен Блокот 1

Фото: ДИЖС

РЕК Битола од денеска до понеделник ќе работи со еден блок. Откако во текот на вчерашниот ден се случи испад на комбинатот од македонскиот електроенергетски систем, од таму денеска информираат дека во текот на ноќта и утрово во функција е ставен Блокот 1.

„Неочекуваниот испад на Блокот 1 заради прекин на напојувањето, предизвика проблем во котелот заради што постројката во текот на денот ќе биде исклучена од мрежа. Се очекува санацијата на проблемот да заврши до понеделник, по што Блок 1 ќе биде повторно ставен во функција и РЕК Битола да продолжи со работи со два блока“, информираат од комбинатот.

Во текот на вчерашниот ден се случил испад на 110 киловолтната собирница на МЕПСО, што предизвика РЕК да остане надвор од функција. Прекинати беа и пуштачките операции на Блокот 3 кои продолжија денеска, оваа постројка ќе биде ставена на мрежа во текот на денешниот ден. Во Блокот 2 на РЕК Битола во моментот се прави ремонт, за кој од комбинатот велат дека се одвива непречено и согласно предвидената динамика.