Рамадани: НАТО ја држи Македонија безбедна, сите имаме одговорност за демократизација на земјата

Зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, стапувајќи во сојуз со најмоќните земји на светот, на земјата и гарантира безбедност и стабилност и ова создава услови за развојот на демократијата. Ова го изјави во интервју за Порталб.мк, претседателот на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани. Меѓу другото, тој зборуваше за улогата на НАТО во соочувањето со предизвиците кои ги донесе пандемијата со ковид-19, со безбедноста и стабилноста, дезинформациите и хибридните напади со кои се соочи земјата пред и сега по пристапувањето во НАТО. Според него, заканата за ширењето на влијанието на Русија и Кина во Северна Македонија и Западен Балкан сè уште постои.

Порталб: Северна Македонија сега веќе е полноправна членка на НАТО. Дали можете да ни кажете каква придобивка донесе ова за земјата од економски и политички аспект?

Рамадани: Република Северна Македонија со пристапувањето во НАТО е во сојуз со најмоќните, најдемократските, најбогатите држави на светот и да се биде во нивниот клуб е предност, односно придобивка што ќе се создаде од учествувањето во сите активности на НАТО. Република Северна Македонија дефинитивно е брендирана како држава членка на НАТО каде што нејзината безбедноста и стабилност се загарантирани, што во овој случај создава оптимални услови за развој на демократијата, имајќи ги предвид тука и правдата, слободата, слободата на медиумите и на тој начин, Македонија сега заедно со сите држави на НАТО ги дели сите демократски вредности.

Порталб: Пристапувањето во НАТО дојде во период кога светот се соочи со пандемија, која им донесе многу големи предизвици на земјите во светот. Како влијаеше пристапувањето во НАТО за полесно справување со овие предизвици?

Рамадани: Како што е познато, имаше три многу важни состаноци на ниво на министрите за одбрана и министрите за надворешни на земјите на НАТО во Брисел под водство на Генералниот Секретар, Столтенберг. Иако овие состаноци беа одржани онлајн, сепак преземени се мерки и дадена е заедничка согласност НАТО да се вклучи за полесно соочување и помагање на државите што подобро да се справат со ковид-19. Што се однесува до Северна Македонија, неколку авиони кои ни донесоа помош почнувајќи тука од Турција, Унгарија, Словенија, Чешка, Полска, сите тие биле координирани од Брисел, односно од раководната структура на НАТО. Во борбата против ковид-19, ние како рамноправна држава можеме да ги искористиме сите бенефиции, односно сите капацитети кои ќе ни помогнат да се справиме и што подобро да ја надминеме оваа пандемија или лошата страна од оваа пандемија.

Порталб: Глобален непријател денес се сметаат дезинформациите и хибридните напади. Северна Македонија е исто така држава во која циркулираат вакви вести, а се зборува дека ова се прави од земји кои не ја сакаат РСМ во НАТО. Која е опасноста за земјата од ваквите напади?

Рамадани: Северна Македонија и кога беше на прагот на прием во НАТО, но и по приемот на еден начин е претворена некој вид на цел на лажни вести, значи напади за да се дезориентира некоја структура која е нестабилна и подготвена да соработува со тие кои се обиделе да ја дезориентираат Македонија кон други алтернативи вон евроатлантската опција. Тука, значи ги имам предвид структурите на надворешната политика на Русија, која не само Македонија туку на различни облици се обидуваше, а во некои случаи и успеа, употребувајќи деструктивни сили, антизападните да ги претвори во послушници за да ги дестабилизираат земјите на НАТО и земјите кои се стремат да пристапат во НАТО. Штом сега сме членка на НАТО, со оваа хибридна војна со лажни вести, сепак можеме да се справиме и се справуваме поуспешно користејќи ги и ресурсите и совршената технологија на НАТО. Па, како што знаеме НАТО донесе одлука да ги ангажира во европскиот простор авионите односно хеликоптерите АВАКС (AVAX), за да изврши просторно блокирање на сајбер нападите и лажните вести. Затоа што треба да имаме предвид дека Русија и неколку земји од Истокот, водат премногу агресивна војна, односно на сајбер напади, хибридни напади, лажни вести. Треба да имаме предвид дека во Петерсбург постои еден центар специјално за лажни вести и сајбер напади кој е познат како војската на роботите што занимава само со оваа работа и НАТО се загрижени, но ова е војна со која сепак добро се справува бидејќи, треба да имаме предвид дека авторитативните држави се заинтересирани нивната идеологија и начин на делување да ги прошират и во ЕУ, но и во другите земји членки на НАТО.

Порталб: Дали обидите за ширење на влијанието на Русија и Кина генерално претставуваат закана за Северна Македонија и Западен Балкан?

Рамадани: Таа закана постои, постојана е. Лошото во ова е што Русија и Кина некако имаат најдено безбедно гнездо за блиско дејствување кон државите на Западен Балкан преку Србија, која е во добри односи со овие две држави и на тој начин тие ги користат и територијата и воздушниот простор, но и раководните структури на Србија кои прават заложби за дестабилизирање на регионот. Но, сепак треба да го имаме предвид фактот дека и државите на НАТО, под раководство на Соединетите Американски Држави се разбира, се доста присутни во овој регион и тука има едно олеснување што Србија е опкружена со држави членки на НАТО. Исто така, и активностите на НАТО во спротивставувањето против овие заложби за дестабилизирање се ефикасни и се разбира оваа битка или политичка војна, дипломатска војна, борба за влијание ќе се одвива, но засега НАТО и државите на ЕУ се во апсолутна предност.

Порталб: Како ја замислувате Македонија членка во НАТО, после една деценија?

Рамадани: За тоа каде ќе биде Северна Македонија после една деценија зависи од тоа како и кој ќе ја води оваа држава понатаму. Треба да се направи сè што е можно за што помалку простор да им се остави на деструктивните сили кои кокетираат со структурите на државите од истокот, односно со Русија. Како граѓани, сите треба да преземеме одговорност, значи да ја подржиме евроатлантската опција и да бидеме доволно будни за да ги препознаеме и политичките лидери, но и политичките партии кои, не само декларативно, туку со секојдневното работење нè уверуваат дека се ориентирани кон евроатлантските интеграции. Мислам дека имаме искуство во препознавање на опциите. Албанците и нивните претставници се сигурни во сфаќањето на евроатлантската ориентација. Тогаш, Северна Македонија после десет години дефинитивно ќе биде и земја членка на ЕУ, држава со искуство во НАТО и ќе влезе во категоријата на релативно развиени држави од економски аспект, покачувањето на стандардите на правна држава, слободни медиуми, благосостојбата на граѓаните, која ќе биде приближно иста како во државите на ЕУ.