Радев се надева на брзо спроведување на билатералниот договор за пријателство

Главен приоритет на Македонија и на новата македонска влада се добрососедските односи и конечно изнаоѓање трајно и одржливо решение за проблемот што го имаме со нашиот источен сосед, вели Мицкоски

Фото: Медуапул.бг

Премиерот Христијан Мицкоски се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев на Самитот на Европската политичка заедница во палатата Бленхајм во Оксфорд.

Радио Бугарија објавува дека при разговор со Мицкоски, Радев изразил надеж дека Скопје ќе го забрза спроведувањето на билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и договорите на земјата со ЕУ, со што ќе се отвори перспектива за почеток на преговори за полноправно членство во заедницата.

По форумот, Мицкоски изјави дека приоритет на новата македонска влада се добрососедските односи.

„Главен приоритет на Македонија и на новата македонска влада се добрососедските односи и конечно изнаоѓање трајно и одржливо решение за проблемот што го имаме со нашиот источен сосед“, вели тој.

Дополнително, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски изјави дека бугарскиот премиер Димитар Главчев нема легитимитет да носи одлуки за иднината на Северна Македонија во ЕУ и дека мора да чекаме да се формира редовна влада во Софија.