Извор на фотографија: Претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска во претседателскиот кабинет на церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, информираат од претседателскиот кабинет.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили, се одржа пленарен состанок на официјалните делегации, беа потпишани Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визите и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија, по што се одржа заедничка прес-конференција на претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили.

Претседателката Зурабишвили на заедничката прес-конференција изјави дека членството на Северна Македонија во НАТО е многу силен сигнал дека вратата на Алијансата е навистина отворена и дека не се работи само за зборови, туку за реалност што на сите нас ни дава оптимизам. Таа се надева дека тоа ќе се случи и со отворање на преговорите за пристапување со ЕУ, што исто така ќе биде одличен сигнал и за Грузија, бидејќи тоа е нашата заедничка перспектива.

„Ние видовме дека Северна Македонија во минатото надмина една таква пречка, би рекла посериозна пречка на нејзиниот пат кон членството во НАТО. Убедена сум дека на истиот начин Северна Македонија ќе биде во можност да ја надмине и пречката со која во моментов се соочува. Ние малите земји кои во минатото сме покажале издржливост, сме се соочиле со многу историски настани во изминатите векови, со инвазии, окупации, научивме дека треба да се биде отпорен, да се биде тврдоглав, да го знаете правецот во кој одите“, изјави претседателката Зурабишвили.

Нејзиниот колега и домаќин, Стево Пендаровски рече дека ова е историска посета на највисоко ниво, која се случува многу кратко по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две држави на 16 февруари 2019 година.

„Симболично, нас не поврзува еден многу значаен јубилеј. Оваа година и Северна Македонија и Грузија прославуваат 30 години независност. Ние од стекнувањето, а Грузија од обновувањето на нејзината независност“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски рече дека на денешната средба со претседателката Зурабишвили разговарале за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји во претстојниот период. Тој додаде дека се потпишани два важни документи.

„Првиот е Спогодба меѓу двете држави за укинување на визите, со што се олеснува патувањето на македонските и грузиските граѓани. Вториот документ е Меморандум за соработка во областа на културата меѓу нашето министерство за култура и грузиското министерство за култура, спорт и млади. Заедно, овие два документи треба да бидат правна основа за развој на туризмот, и на севкупната економска и културна соработка меѓу двете земји“, изјави претседателот Пендаровски, кој додаде дека во процедура се и други договори, меѓу кои и оние за економска и техничка соработка.