Професионалните новинарски и медиумски организации се против владини кампањи во медиумите

Тие упатија критика за начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ)

Фото: ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), заедно со професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор, излезе со остра реакција против владиното рекламирање во приватниот сектор.

Тие упатија критика за начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ).

„Ние сме против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар“, се истакнува во соопштението.

Дополнително, се вели дека ваквите законски промени имаат потенцијал да ја занемарат критичната улога на новинарството во демократијата. Истакнуваат дека овој конкретен предлог е изработен на нетранспарентен начин без експертска поддршка.

„Решенија од ваков карактер се спротивни на стандардите на Европската комисијата. Како што е јасно посочено во новата предлог-Регулатива за слободните медиуми, нетранспарентната распределба на јавни средства за државно огласување го нарушува европскиот пазар, особено кога тие средства се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт“, се посочува во соопштението.

Како решение се нуди воведување на Фонд за плурализам на медиумски содржини, со што би се поттикнала разновидноста на квалитетни содржини и ќе се поддржи независното и професионално новинарство, и во непрофитниот и во приватниот сектор.

Зад реакцијата, освен ЗНМ, стојат и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум Објектив“ и Институтот за комуникациски студии (ИКС).