Продолжува соработката меѓу Македонија и САД во областа на образованието и науката

Исклучителна важност за Македонија се програмите за образовна размена со САД, особено Фулбрајт програмата за студиски и истражувачки посети во партнерската земја, како и YES програмата

Фото: Министерство за образование и наука

Одличната соработка на Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на образованието и науката ќе продолжи и во иднина. Интересот е меѓусебен и двете земји и понатаму ќе создаваат добри образовни и научно – истражувачки можности за своите граѓани преку постојните спогодби и протоколи за соработка, а ќе се размислува и за нови иницијативи кои ќе овозможуваат размена на позитивни образовни и научни искуства.

Ова беше потврдено на денешната средба на министерката за образование и наука Весна Јаневска и амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер на која двете страни ја потенцираа важноста, но и задоволството од развојот на стратешкото партнерство, кое носи придобивки и за македонскиот и за американскиот народ.

Амбасадорката денес била запознаена со состојбите во кои се движи образованието во државата, и биле презентирани и дел од активностите во рамки на планот на новата Влада за подигнување на квалитетот на националниот образовен систем.

Во подготовка е Декларација за националното образование која ќе
биде предложена на сите политички субјекти, со цел постигнување на консензус за
долгорочни политики, а заложбата беше поздравена од страна на амбасадорката.

„Исклучителна важност за Македонија се програмите за образовна размена со САД, особено Фулбрајт програмата за студиски и истражувачки посети во партнерската земја, како и YES програмата наменета за средношколци кои имаат можност да поминат една година на некој од американските колеџи“, изјави Јаневска.

Амбасадорката Агелер исто така изрази задоволство од билатералните односи и нагласи дека САД и во иднина ќе ги поддржуваат напорите на Владата за подобро образование на младите во државата.

На средбата беше нагласена и добрата соработка на институциите во Македонија со Канцеларијата на УСАИД, особено преку заедничките проекти за меѓуетничка интеграција во образованието и за медиумска писменост, како и соработката со Мировниот корпус чии волонтери помагаат за поквалитетна настава на англиски јазик во македонските училишта.

Првата спогодба за соработка во областа на науката и технологијата меѓу Македонија и САД е потпишана уште во 1995 година.