Притвор за битолчанец: Наведувал девојка на секс, ја силувал и ѝ се заканувал дека ќе објави нејзини фотографии

Преку профил на социјална мрежа тој комуницирал со жртвата, користел нејзини интимни фотографии и се заканувал дека ќе ги сподели и ќе ги направи јавно достапни, наведувајќи ја на сексуални односи

Извор на фотографија: Photo by MART PRODUCTION: https://www.pexels.com/photo/a-person-with-bruised-lips-7699317/

Битолското обвинителство поведе постапка против 25-годишник за полов напад и силување. Тој се сомничи дека во периодот од декември 2023 до март 2024 година, спротивно волјата на 18-годишна девојка, ја наведувал на секс без нејзина согласност со сериозна закана дека ќе открие нешто што би ѝ наштетило на нејзината чест и углед.

„Преку профил на социјална мрежа тој комуницирал со жртвата, користел нејзини интимни фотографии и се заканувал дека ќе ги сподели и ќе ги направи јавно достапни, наведувајќи ја на сексуални односи и на други полови дејствија спротивно на нејзина волја доколку сака да ја спречи објавата на фотографиите“, соопшти обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола доставил и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Предлогот е прифатен и на осомничениот му е определен притвор од 30 дена.