Претрес во Академијата за судии и јавни обвинители – од изборите наваму се под постојан притисок

Одземени се два телефони на вработено лице во Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи имало индикативна комуникација во мобилниот на притворениот врховен судија Наќе Ѓеоргиев

Фото: Мета.мк

Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера попладнето влезе во Академијата за судии и јавни обвинители – се одземаат електронски податоци од компјутери, а се вршеле и проверки на досиеја од веќе избрани судии и обвинители.

Како што соопшти МВР, акцијата била по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а по наредба на судија на претходна постапка.

Засега е познато дека се одземени два телефони на вработено лице во Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи имало индикативна комуникација во мобилниот на притворениот врховен судија Наќе Ѓеоргиев.

Истражителите наводно дошле до сознанија дека вработеното лице во Академијата е поврзано со уапсениот врховен судија Ѓеоргиев, кој е во притвор под сомнение за земање мито за влијание врз судии за да помогне во постапка за обвинет.

Истражителите вршеле преглед и врз документацијата за седмата, осмата и деветтата генерациија на слушатели чие школување е во тек. Неофицијално, како што пренесуваат медиумите, се истражуваат и анонимни пријави за земање мито за упис на кандидати за слушатели за судии и обвинители.

Истражните органи се интересирале и за системот за тестирање ИНВОКА на Драги Рашковски, за кој по неговото апсење Академијата за судии експресно го раскина договорот со фирмата, па оттаму истражителите биле упатени дека тој е запленет во доказните материјали кои се наоѓаат во судот, во предметот „Рашковски“.

Академијата е на мета уште од почетокот на изборната кампања

Академијата за судии и јавни обвинители во последниов период е под директен напад од институции. Наташа Габер-Дамјановска, директорката на Академијата на 12 јули годинаца поднесе неотповиклива оставка до Управниот одбор (УО) на Академијата.

Откако беа стопирани тестовите за 130 места за последната, најголема генерација на Академијата, според Габер-Дамјановска, остварено преку политичко влијание и со помош на контроверзна одлука на Управниот суд, таа изјави дека повеќе нешто не ја врзува за функцијата директорка. Габер-Дамјановска, која на 9 декември 2022 беше реизбрана на функцијата со мандат од 4 години, во обраќањето до членовите на Одборот, јасно образложи зошто се повлекува.

Инаку, иницијативата за одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) ја испрати Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), бидејќи сметаше дека со тоа што Академијата во текот на изборниот процес ја продолжила постапката за тестирање за прием на слушатели за идни судии и обвинители ги прекршила Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик. Пред да дојде до испраќање на иницијативата за одговорност, спорот се водеше и пред Управниот и Вишиот управен суд, кои одлучија во полза на антикорупционерите.

Првиот чекот против Академијата дојде од новата претседателка уште за време на изборната кампања

Најголемата дебата се водеше околу толкувањата за прием на нови слушатели во Академијата – дали тоа е вработување, како што сметаше ДКСК, или не – став кој го застапуваат директорката и Управниот одбор на АСЈО.

Во минатото, при постоење дилема околу усогласеноста на одредено дејствие со Изборниот законик, Академијата се обраќаше до Државната комисија за спречување на корупција со барање нивно Мислење. Меѓутоа, имајќи предвид дека согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси од 2019 година (Службен весник на РМ број 12/2019 година), ДКСК повеќе не дава мислења по доставени барања поврзани со начинот на постапување во изборен период, Академијата постапува по претходно утврдената пракса од страна на ДКСК. Имено, во 2017 година во постапката за прием на VI генерација на почетна обука, Академијата се наоѓаше во слична ситуација (јавниот оглас за прием на VI генерација траеше околу две години поради комплексноста на испитот кој се спроведува во повеќе фази и завршувањето на управно судската постапка). Академијата тогашниот оглас го објави во 2015 година, додека слушателите склучија договори за вработување на 01.03.2017 година. Со оглед дека во тој период државата се наоѓаше во изборен процес, Академијата се обрати до ДКСК со барање мислење дали постои законска пречка за реализирање на вработувањата на определено време (за времетраењето на почетната обука и се до изборот на канидатот за судија односно јавен обвинител). ДКСК до Академијата достави мислење во кое се вели дека: ,,…не постои законска пречка да се реализира започнатата постапка за вработување на определено време на 37 слушатели на почетна обука во АСЈО…. доколку за овие вработувања била обезбедена финансиска согласност за 2017 година и се работи за вработувања во случај на итни и неодложни работи, образложи Академијата.

Оттаму додадоа дека во конкретниот случај се работи за слична ситуација како во 2017 година, со таа разлика што сега, дури и при најстрого придржување до утврдената Временска динамика, не постои апсолутно никаква можност да се дојде до фазата на засновање на работен однос со слушателите во изборниот период.

Но, ова образложение беше неприфатливо за Антикорупциската, а она што е најсимптоматично е што целиот предмет првично со претставка до Антикорупциска го покрена новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова во текот на кампањата сметајќи дека има прекршување на изборните правила.