Пресудата за „Таргет-Тврдина“ падна на Апелација

Фото: Архива на Мета.мк

Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“, соопштиja во судот. Случајот беше отворен за масовното нелегално прислушување, а резултираше со вкупна затворска казна од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

„Судот известува дека постапувајќи по кривичниот предмет, во јавноста познат како „Таргет-Тврдина“, по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Г.Г од С., Т.Ј од О., Г.Ј. од С., Н.Б. од С., С.М.од С., Н.Н. од С. и В.В. од В., изјавени преку нивните бранители и по повод жалбите и по службена должност ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна“, наведено е во соопштението од судот.

Апелациониот суд констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност.

„Со тоа се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Согласно пресудата, по 15 години добија Горан Грујевски и Никола Бошковски, шест години му беа изречени на Тони Јакимовски, четири на Гордана Јанкуловска и три на Надица Николиќ. Имаше и условни затворски казни во траење од две години за Маријан Шумуликоски, Владимир Варелов, Васил Исакоски, Валентина Симоноска и Силвана Златова.