Пожарникари кои го гаснеа пожарот на Серта, спасија куче од огнената стихија

Работат по 12 часови во денот, борејќи се со пожарите кои ја зафатија планината Серта, а притоа успеваат и да направат хумани дела кои уште повеќе ја враќаат довербата кај граѓаните

Фото: Колаж, Мета.мк

Работат по 12 часови во денот, борејќи се со пожарите кои ја зафатија планината Серта, а притоа успеваат и да направат хумани дела кои уште повеќе ја враќаат довербата кај граѓаните дека сепак постојат луѓе кои се грижат за сето она што природата го создала.

Таков е случајот со пожарникарите од ТППЕ Штип, кои успеаја да спасат кученце кое залутало во планината зафатена од пожарите и кое молело за помош.

Никола Коцев, вработен во ТППЕ Штип, на социјалните мрежи објави видео во кое споделува дека и покрај високите температури и 11 саати напорната работа на тешко проодниот терен, спасиле и едно изгубено кутре кое од чурта и огинот залутало во планината и молело за помош.

„Хуманоста пред сè“, напиша тој, а неговите колеги споделија и фотографии како се возат во противпожарното возило, заедно со изгубеното куче.

Мета.мк стапи во контакт со Коцев, кој ни објасни како дошло до тоа да се спаси кучето од пламените јазици.

„Работиме по 12 часа на ден. Гасневме оган, односно правевме појас да не се шири оганот. Кога се враќавме на збирното место го сретнавме кутрето по пат. Тоа дојде по нас, трчаше по колата и цело време беше покрај нас на збирното место. Му дадовме храна и вода, но бидејќи беше истоштено, а мојата екипа остана последна, решивме да го земеме со нас и да не го оставаме во планината. Кутрето беше изгубено, а сега е во селото од каде што дошло“, изјави Коцев за Мета.мк, упатувајќи апел до секој кој ќе го препознае кучето, да го згрижи, а доколку нема дом – да му го пружи.

Пожарот на Серта дивее со денови. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, најави дека во текот денот ќе бидат ангажирани сите хеликоптери и авиони за ставање на пожарот под контрола од Пенуш до Криволак. Ангелов истакна дека од левата страна на планината Серта има уште две жаришта, едното над штипското село Пухче, а второт во неготинскиот дел.