Повреден командирот на штипската пожарна при гаснење пожар на Серта

Командирот Благој Ренџов се здобил со скршеници на двете раце

Фото: ЦУК

При гаснење на пожар на старата депонија меѓу штипските населби Пребег и Мерите, командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип Благој Ренџов се здобил со тешки повреди, пренесува Центарот за управување со крици (ЦУК).

Додека единицата на Ренџов вчера во 19 часот гаселе пожар на Серта, тој се здобил со скршеници на двете раце.

Командирот, кој е присутен на Серта од почетокот на пожарите, бил веднаш хоспитализиран во штипската Клиничка болница, каде е задржан на болничко лекување по операција.

Пожарите сè уште беснеат во државата. Од триесет пожари, дваесет се згаснати, а десет се сè уште активни. Еден од активните пожари е под контрола, однонсо уште има горење, но не постои ризик од дополнително ширење.

„Таму сè уште имаме два пожари коишто горат на различни локации. Првиот е на воениот полигон Криволак кон насока на река Брегалница и се движи кон неа, додека вториот се наоѓа над селото Пухче во насока над селото Селце, за којшто можам да кажам дека имаме делумна контрола и не ги загрозува двете села“ изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.