Порталб: Единаесет години од петкратното убиство кај Смилковското езеро, случајот пред Врховен суд

Се очекува Врховниот суд да донесе одлука, со која може случајот да се врати на повторно судење или пак да се одобрат одлуките донесени во првостепена и второстепена постапка

Од вториот судски процес за „Монтрум“; Фото: Архива на Порталб.мк

Денеска се навршуваат 11 години од убиството на четирите млади момчиња и еден рибар кај Смилковското езеро, еден од најстрашните настани што се случиле во државата. По првата донесена правосилна пресуда, Врховен суд го врати предметот на повторно одлучување, а сега, по завршеното второ судење, процесот е повторно пред Врховен, пишува Порталб.мк. 

За разлика од првото судење, во вториот судски процес, Сами Лута, осуден на доживотен затвор, беше ослободен поради недостиг на докази. Двајцата бегалци во Косово, Алил Демири и Африм Исмаилловиќ, но и Агим Исмаиловиќ на двете судења беа осудени на доживотен затвор, додека Фејзи Азири и Хаки Азири, кои во текот на првото судење беа осудени на доживотен затвор, на второто судење беа осудени на затворски казни од 15 и од 9 години.

Обвинетите и нивните семејства и понатаму ја негираат пресудата, нагласувајќи дека осудените не се виновни, за што се одржаа и неколку протести во минатото.

Во меѓувреме, се очекува Врховниот суд да донесе одлука, со која може случајот да се врати на повторно судење или пак да се одобрат одлуките донесени во првостепена и второстепена постапка. Доколку се случи второто сценарио, осудените најавуваат дека правдата ќе ја бараат пред Меѓународниот суд во Стразбур.