Петерле: Политичкиот договор за излез од кризата мора да се спроведе

Алојз Петерле, копретседавач на бирото на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ, денеска на прес-конференција порача дека одредбите од политичкиот договор за надминување на кризата мора да се исполнат за во октомври Македонија да добие позитивен извештај и да се приближи кон ЕУ и кон НАТО.

Според него, сега не е време да се праша кој, туку што и како се подготвени да сработат сите заедно за стабилна Македонија. Петерле вели дека сите што ќе работат поинаку, ќе платат политичка цена.

– Никој не беше задоволен од блокадата на политичкиот дијалог во земјата. Не гледаме индикации за блокирање на постигнатиот договор. Двете страни досега позитивно се изразија за постигнувањето на договорот и мислам дека е во прашање кредибилитетот на тие што се вклучени – посочи европратеникот Петерле по 12-тиот состанок на бирото на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ.