Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ е последна која треба да реагира на измените на КЗ, бидејќи го направи кворумот

Нека објаснат како измените, односно често споменуваниот член 353 ги опфаќа и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ како Антонијо Милошоски, Игор Јанушев, Миле Јанакиески, Димитар Димовски. Опозицијата е последната која треба да реагира во основ на Кривичниот законик, рече Пендаровски во интервју за „Клик плус“ на ТВ 21

Фото: Принтскрин, ТВ 21, Клик Плус

Опозицијата ме обвинува дека со потпишувањето на указот за измените на Кривичниот законик сум се додворувал на СДСМ и ДУИ за поддршка за втор мандат и дека измените на Кривичниот законик се однесуваат на сегашните функционери, кои кога нема да бидат на власт нема да одговараат бидејќи ќе го нема членот 353, истакна претседателот Стево Пендаровски во вчерашното интервју за „Клик плус“ на ТВ 21.

„Но, доколку е така, нека објаснат како измените, односно често споменуваниот член 353 ги опфаќа и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ како Антонијо Милошоски, Игор Јанушев, Миле Јанакиески, Димитар Димовски. Опозицијата е последната која треба да реагира во основ на Кривичниот законик. Дали е точно дека опозицијата направи кворум? Можеше да не направи. Законот беше со европско знаменце, добро, три дена е, но тие знаеле дека да чукаат со тенџериња во Собрание кога се носеле некои закони, и не мораа да влезат внатре да направат кворум“, изјави Пендаровски за ТВ21 и додаде:

„Кое е обвинувањето кон мене, на што се потпира? За да се додворам на СДСМ и ДУИ за нов претседателски мандат? Еве јас ќе кажам неколку апсудри… Дали е точно со измените е опфатен Милошоски и неговиот татко? Опфатен е. Дали е опфатен Јанушев? Опфатен. Дали е точно дека и процесот Сончев Град и првообвинет Миле Јанакиески е опфатен, и беше Димитар Димовски член на ВМРО-ДПМНЕ? Значи јас се додворувам кон СДСМ и ДУИ да ми дадат втор мандат, дали Мицкоски и неговата екипа мислат дека тоа што го потпишав законот е за таткото на Милошоски, потоа на Јанушев, Јанакиески да ми дадат втор мандат? Потоа слушнав, демек, тоа било скриена амнестија за Груевски да се врати. Еден месец се на сила овие закони, не го гледаме Никола Груевски“.

Опозицијата направи кворум за донесувањето на измените на Кривичниот законик и е последна која треба да коментира за ова прашање, дополни Пендаровски.

Реакцијата следи откако од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека претседателот Стево Пендаровски можел да ги спречи измените на Кривичниот законик и да го врати законот на повторно разгледување, но дека тој ги потпишал за да им се додвори на Димитар Ковачевски и на Али Ахмети.

„Со потпис на измените на КЗ, Пендаровски буквално ги аболицира сите функционери од СДС и ДУИ кои изминатиов период ја злоупотребувале службената положба и овластување“, се наведува во соопштението и се додава дека Пендаровски е директно виновен за хаосот во државата и деградирањето на правото.

Речиси 200 обвинети функционери се засегнати од измените во Кривичниот законик, соопштија вчера од Основниот Кривичен суд Скопје.

Засега застаре предметот за прислушувањето во „Таргет Тврдина“, случајот „Продуцент“, предметот за ексчленот на Судскиот совет Теофиловски, застаре и злоупотребата во „Моќник“ и уште пет други предмети. Инаку, од сите предмети на СЈО, вкупно 21, сите кои започнуваат на буквата Т, плус „Насилство во Општина Центар“, три сѐ уште се во фаза на судење. Сите други имаат првостепена пресуда, а дел се правосилни, изјавија од судот.

Само правосилните предмети нема да бидат воопшто засегнати од носењето на измените во Кривичниот законик.

Инаку, во речиси сите овие предмети се опфатени лица кои се или пак биле активни во ВМРО-ДПМНЕ, како членови или функционери, додека партијата беше на власт.

Речиси 200 обвинети функционери се засегнати од измените во Кривичниот законик