Отворени Олимписките игри во Париз

Церемонијата на отворање за првпат се случуваше надвор од стадион, на река, а речиси четиричасовниот спектакл кулминираше со палењето на котел во облик на балон со топол воздух што се издигна високо над париското небо

фото: Исечок од видео на Х

Во спектакуларен стил, со илјадници спортисти кои пловеа по реката Сена и со артисти и изведувачи на мостови, брегови и покриви од згради, вчеравечер во Париз беше отворена Олимпијадата 2024.

Церемонијата на отворање за првпат се случуваше надвор од стадион, на река, а речиси четиричасовниот спектакл кулминираше со палењето на котел во облик на балон со топол воздух што се издигна високо над париското небо, од страна на францускиот великан во џудо, Теди Ринер и спринтерката Мари-Жозе Перек.

Синиот, белиот и црвениот огномет го издигнаа Триколорот над мостот Аустерлиц во Париз, пред 6.800 спортисти од 205 делегации да патуваат со 85 чамци и бродови покрај некои од најпознатите знаменитости на француската престолнина, пишува Би-би-си.

Дел од отворањето на Олимписките игри 2024 беше и изведбата на американската пејачка и кантавторка Лејди Гага, како и емотивното враќање на канадската икона Селин Дион.

Вчерашниот ден, сепак, започна со големо нарушување откако француската железничка мрежа беше погодена од подметнати пожари. Вечерта, пак, силен дожд го погоди Париз, што ги натера спортистите да извадат мантилите за дожд и чадорите, но не го намали впечатокот од патувањето низ француската историја, уметност и спорт.

Последните два брода што парадираа – прво САД како следни домаќини во Лос Анџелес во 2028 година, а потоа и Франција – имаа најголем број спортисти на овогодишните Игри.

На отворањето на 33-тите Летни олимписки игри, кои се случуваат среде тешки меѓународни и домашни политички случувања, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, на спортистите им рече дека сега се дел од „настанот што го обединува светот во мир“.

Во наредните две недели, повеќе од 10.500 спортисти ќе се натппреваруваат во 32 спортови на Олимпијадата која ќе трае до 11 август.