Откако загинаа татко и син во сообраќајка, Обвинителството нареди итно да запрат градежните работи на патот кон Куманово

Проверките за целосно испитување на кривичната одговорност за настанот се во тек, а по краткотрајниот притвор од 48 часа, по предлог на јавниот обвинител, на двете лица им се определени мерки на претпазливост, информира ОЈО

Откако минатата недела, во тешка сообраќајна несреќа загинаа татко и син на автопатот Скопје – Куманово, кои пред четри дена удрија во товарно возило за потребите на реконструкција на патот, Основото јавно обвинителство донесе решение за итно запирање на градежните работи на патот.

Возило „Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, кое било управувано од 34 годишниот Б.А. од кумановското село Опае, удрило во сообраќајни знаци и во запрено товарно возило „Ман“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице.

„По наредба на јавен обвинител, инспектор за патишта од Државниот инспекторат за транспорт изврши вонреден инспекциски надзор над градежните работи што ги изведува правно лице на автопатот А2, клучка Хиподром – наплатна станица Миладиновци, каде во сообраќајната несреќа која се случи на 2 септември автомобил „Мерцедес“ удри во товарно возило, сопственост на правното лице ангажирано на проектот, при што животот го загубија возачот на автомобилот „Мерцедес“ и неговиот малолетен син. По надзорот, изготвен е записник и донесено е решение со кое се задолжува правното лице веднаш да ги запре сите градежни работи до добивање на одобрение од надлежен орган за времена измена на режимот на сообраќај за изведување работи на левата – брза сообраќајна лента“, информира Обвинителството.

Во меѓувреме, велат оттаму, правното лице треба да постави и одржува времена вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација со која ќе овозможи безбедно и непречено одвивање на сообраќајот на автопатската делница.

„Непосредно по тешката сообраќајна несреќа, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица поради сомненија дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Проверките за целосно испитување на кривичната одговорност за настанот се во тек, а по краткотрајниот притвор од 48 часа, по предлог на јавниот обвинител, на двете лица им се определени мерки на претпазливост“, информира Обвинителството.