Општина Тетово во 2019 г потрошила трипати повеќе за јавни набавки отколку претходната 2018 г

Фото: Порталб.мк

Три пати повеќе пари за јавни набавки потрошила Општина Тетово лани во однос на претходната година, а во 2019 ја имала и најголемата јавна набавка во годината. Општина Тетово лани потрошила повеќе од една третина од вкупната сума што Полошкиот регион ја издвоил за сите јавни набавки, покажуваат податоците на Центарот за граѓански комуникации, чија база за јавни набавки на општините ги содржи сите 3.686 договори склучени од Градот Скопје и 80-те општини.

Тетово е втора општина по сумата за која ги зголемила јавните набавки, по Град Скопје. Од 1,7 милион евра во 2018 година, Тетово лани ја зголемил сумата за јавни набавки на 5,4 милиони евра. Истовремено, општината го склучила и најголемиот договор за јавна набавка од која било општина во 2019 година, зделката за чистење и депонирање на комуналниот отпад на локалитетот село Фалиште во вредност од 1,9 милиони евра со фирмата Дрисла, пред фирмата да ја преземе Град Скопје.

Заедно, деветте општини од Полошкиот регион лани потрошиле 14,6 милиони евра за 223 јавни набавки. По Тетово, најмногу потрошил Гостивар, околу 2,5 милиони евра, а најмалку Теарце, десет пати помалку од Тетово или околу половина милион евра.

Најголем процент од општинскиот буџет за јавни набавки издвоила Општина Јегуновце, со 40 отсто издатоци за јавните набавки. Овој процент, со 12 отсто, бил најмал во буџетот на Желино. Оваа општина имала и најмал број јавни набавки, само седум. Со бројот на јавни набавки во 2019 година во Полошкиот регион предничел Гостивар, кој склучил 52 договори.

За општинските јавни набавки во Полошкиот регион лани најмногу платиле жителите на Јегуновце, каде договорите чинеле по 6.567 денари по жител, а најевтино минале жителите на Теарце, каде за јавни набавки биле потрошени по 1.431 денар по жител.

Тетово и Гостивар се во групата на 14 единици на локална самоуправа, вклучувајќи го и Градот Скопје, кои потрошиле половина од вкупната сума за јавни набавки во 2019 година, или колку останатите 67 општини заедно.

Според податоците, Градот Скопје и 58 општини лани потрошиле повеќе за јавни набавки од претходната година, а кај 22 општини е забележано намалување на вредностите на јавните набавки.