Олимпискиот комитет под притисок зашто дозволил да учествува силувач на деца

Ван де Велде, кој сега има 29 години, беше осуден на четири години затвор во 2016 година, откако се изјасни за виновен за силување на малата Британка

Photo by Bryan Turner on Unsplash

Меѓународниот олимписки комитет е под притисок и се соочува со повици за истрага за тоа, како на осуден силувач на деца му било дозволено да се натпреварува на Олимписките игри во Париз 2024 година.

Јавниот гнев е зголемен поради присуството на холандскиот одбојкар на плажа, Стивен ван де Велде, кој во 2016 година беше осуден за силување на британско 12-годишно девојче. Групите кои го започнаа движењето против Велде, испратија порака дека ова прикажување прави штета.

„Неодговорното вклучување на Ван де Велде на Олимпијадата создаде огромно чувство на неказнивост. Ако можеш да силуваш дете, а сепак да се натпреваруваш на Олимпијадата, и покрај сите спортисти кои потпишуваат декларација со која ветуваат дека ќе бидат пример, тоа е едноставно шокантно“, изјави Сиара Бергман, извршен директор на „Рејп Крајсис Англија и Велс“.

Бергман го повика Меѓународниот олимписки комитет да спроведе истрага за тоа како на Ван де Велде му било дозволено да се натпреварува.

„Како дојдовме до овде? Како стигнавме до место каде што силувањето дете се смета за помалку важно од медалот што некој би можел да го освои на Олимпијадата? Мислам дека треба да има некаков вид истрага за ова и како е дозволено тоа да се случи. Тоа треба да биде момент за вистинско размислување и вистинска промена“, вели Бергман.

Ван де Велде, кој сега има 29 години, беше осуден на четири години затвор во 2016 година, откако се изјасни за виновен за силување на малата Британка. Тој во 2014 летал во Англија за да ја запознае, и покрај тоа што ја знаел нејзината возраст, откако стапиле во контакт на Фејсбук.

Ван де Велде отслужил 12 месеци во британски затвор, пред да биде префрлен во неговата родна земја каде што бил ослободен по еден месец. Оттогаш продолжил да игра на меѓународно ниво за Холандија.