Од денеска студентите можат да аплицираат за сместување во студентски дом

За претстојната учебна година, за студентите се предвидени вкупно 4.303 легла. Од нив, 3.269 се за студентите од втора и повисоките години, додека 1.034 легла се предвидени за студентите – бруцоши

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) го распиша конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови за учебната 2024/2025 година.

За претстојната учебна година, за студентите се предвидени вкупно 4.303 легла. Од нив, 3.269 се за студентите од втора и повисоките години, додека 1.034 легла се предвидени за студентите – бруцоши.

Најмногу слободни места има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје – вкупно 1.216. По него следува „Пелагонија“, исто така во Скопје, со предвидени 997 места за студентите.

Новина годинава е што студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда е целосно затворен и нема да прима студенти, поради реконструктивните зафати кои се очекува да траат најмалку 18 месеци.

Во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ годинава се предвидени повеќе места од порано – вкупно 370.

Во конкурсот се опфатени и студентските домови во Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово.

Право на прием во дом имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење. Право на прием во државните студентски домови имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и тоа: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Северна Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори и слично.

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на порталот е-услуги на МОН. Рокот за пријавување за студентите од втора и повисоките години почнува денес и трае до 31 јули.

Студентите што запишуваат прва година на студии, пак, ќе можат да аплицираат во периодот од 10 до 17 септември.

Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години е очекува да се објави најдоцна до 6 септември на интернет-страницата на МОН.

Списокот за прием на студенти-бруцоши, пак, ќе биде објавен најдоцна до 30 септември, при што важат истите правила за поднесување приговор.

Приговорите по резултатите ќе може да се достават во самиот дом каде што аплицирале кандидатите, во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30 ноември, информираат од МОН.

Повеќе информации, како и потребната документација може да се најдат во објавениот конкурс на овој линк.